„Мицкоски и Села се споија околу заедничката безидејност и омраза кон другите. Затоа таа вештачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, тој брак од интерес ќе им се распадне уште во недела околу полноќ“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Гостивар.
„Кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту членови на Алијанса за Албанците гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне коалиција. Не може заедно „Македонци варвари“ и „Чиста Македонија“. Паметни се луѓето, не пиеме нафта, гледаме што се случува“ кажа Заев.
Тој додаде дека граѓаните треба во недела да ги поразат Села и Мицкоски во Гостивар, со цел да ги натераат да се реформираат и да се борат рамноправно за секој граѓанин без да ги интересира која религија е или каква етничка припадност има.
„Затоа ќе останат во опозиција додека не им дојде паметот во глава. Не е ова ни 19, ни 20 век, веќе сме во третата деценија од 21 век. Време е да фатиме чекор со современиот свет“ кажа Заев.