25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шилегов: Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа, во Бутел и во Скопје победуваме во првиот круг

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на митингот во скопската Општина Бутел своето обраќање го започна со најава дека во Бутел и во Скопје СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ победуваат уште во првиот круг од изборите: „Во Бутел изминатиот мандат вложивме многу затоа што 30 години ВМРО-ДПМНЕ ја забораваше оваа исклучително важна општина за развојот на нашето Скопје. Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа, како што беше кога урбаната мафија од ВМРО-ДПМНЕ го бетонираше Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој ги продлабочи поделбите, конфликтите и разликите помеѓу центарот и периферијата на Скопје“, потенцираше Шилегов.

Шилегов ги истакна најголемите инфраструктурни зафати завршени во Бутел: „Со изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ обезбедивме побрз излез на скопската обиколница преку модерно булеварско решение со тротоари, вело-патеки, лед осветлување, средишно и странично зеленило. Исто и некогашната улица „Босна и Херцеговина“ сега е булевар со велосипедски и пешачки патеки, ново зеленило и ново осветлување. Ги реконструиравме улиците „Александар Урдаревски“, „Лазо Трповски“ и „Боца Иванова“, а започнуваме и со реконструкција на улицата „Бутелска“, додаде Шилегов.

Шилегов ги најави и идните инфраструктурни зафати во Бутел: „Во наредниот мандат го пробиваме булеварот „Хрватска“ и ќе го продолжиме бул. „Словенија“ до Ѓорче Петров и со тоа северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина. Со тоа се остварува долгогодишниот сон за поврзување на Бутел и Автокоманда со булеварско решение од булеварот „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“ до Естекада. Новиот булевар оди заедно со нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски и пешачки патеки“, најави Шилегов.

Шилегов укажа дека „Во овој дел од градот целосно се реконструирани средните училишта „Арсениј Јовков“ и „Зеф Љуш Марку“, а обезбедени се и прочистувачи за воздух за секоја училница“.

Во делот на зеленилото, Шилегов нагласи дека само во Бутел подигнати се над 73.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 1.800 садници.

На крај, Шилегов ги повика бутелчани да излезат на гласање на 17 октомври: „Драги мои бутелчани, останаа уште 4 дена до денот кога заедно ќе ја прославиме големата победа. Разговарајте со вашите пријатели, посочете ги очигледните разлики меѓу нас и нив, секој глас е важен. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје“, нагласи Шилегов во своето обраќање пред жителите на Бутел.