23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев, Битиќи и Петров за мерките на Националниот стартап совет: Подобра регулатива и пристап до финансии се дел од сет мерки за забрзан раст на стартап компании

Предлог мерките за забрзан раст на македонскиот стартап екосистем кои се дефинирани за прв пат во државава од Националниот стартап совет, беа презентирани денеска на заедничка прес-конференција, на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Премиерот Заев истакна дека во последните четири години, Владата покажа што значи да се биде партнер на македонскиот стартап екосистем. Премиерот подвлече дека во портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој, само во последните три години, поддржани се 605 проекти преку кофинансирани грантови, со над 85 милиони евра вкупна инвестиција, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 36 проекти и вкупна инвестиција од приближно 1,5 милиони евра.

„Од вкупните инвестиции заклучно со септември 2021 година, 56% односно околу 48 милиони евра се средства обезбедени од Фондот додека 37 милиони евра се сопствена инвестиција на компаниите што значи дека програмите на ФИТР поттикнаа значителен инвестициски циклус од страна на микро, малите и средните претпријатија. Охрабрува податокот дека 51% од портфолиото на Фондот се стартап компаниите, претежно основани од млади луѓе. Денес зборуваме за 326 поддржани стартап компании, во кои инвестиравме 18 милиони евра. Најголемиот дел од овие компании успешно работат не само на домашниот пазар туку и рамо до рамо со светски познатите брендови на глобалниот пазар. Владата, со сите засегнати министерства и институции ќе даде реална поддршка. Ќе преземеме чекори за предлог-мерките од хартија да станат функционални со што полесно ќе се креираат политики и стратегии за развој на македонскиот стартап екосистем. Сите заедно ќе работиме на подобрување на регулативата за развој на иновациската дејност. Во свет којшто постојано се менува, заеднички ќе се бориме и за подобрување на условите за работа, затоа што ковид пандемијата ни покажа дека мораме да бидеме пофлексибилни, а работењето од дома за многу компании е новото нормално. Како Влада наша должност е да ги подобриме условите за пристап до финансии, за што се потребни даночни олеснувања и ослободувања за инвеститорите и стартапите“, посочи премиерот Зоран Заев.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој воедно е и претседател на Националниот стартап совет, ги презентираше деталите за трите столба од документот кои се однесуваат на стимулирање на развојот на екосистемот, подобрување на условите за работа за стартапите и подобрување на условите за пристап до финансии. Вицепремиерот информираше дека предлог-мерките се групирани во три столба: стимулирање на развојот на стартап еко системот, подобрување на условите за работа и подобрување на условите за пристап до финансии.

„Првиот столб – стимулирањето на развојот на стартап еко системот е дефинитивно можно, и имаме уште простор ова да се развива, иако направивме квантни скокови до сега. Заеднички утврдивме дека е потребно да се подобри регулативата за развој на иновациската дејност, да се искреираат дополнителни, нови инструменти за поддршка на стартапите кои ќе бидат во тек со глобалните трендови, да се формираат Центри за развој на стартапи, да се подобрат условите за престој на дигитални номади, како и да се создаде регистар на стартапи во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Во однос на пакетот на мерки опфатени во вториот столб, кои би требало да ги подобрат условите за работа планирани се следни активности: Овозможување на регистрација на нов тип на друштво, поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО), олеснување на процесот на ликвидација за стартап компании, зголемување на флексибилноста на условите за работа, дерегулација на работењето надвор од седиштето на друштвото (работа од дома). Пристапот до финансии е еден од најважните елементи за развој на секој проект, во овој дел навистина преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој, направивме сериозни исчекори, над 56% од вкупната вредност на проектите се поддржува од средства од буџетот на ФИТР, а дополнително е овозможена поддршка со поволни кредити и од комерцијалните банки, но и Амазон веб сервиси, сепак согласни сме дека може и повеќе. Затоа во овој столб мерки предлагаме олеснувања за влез на надворешни инвеститори, даночни олеснувања и ослободувања за инвеститорите, даночни олеснувања и ослободувања за стартапи“, ги презентираше предлог мерките усвоени од Националниот стартап совет, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров истакна дека нашата визија е едноставна – позиционирање на Република Северна Македонија како регионален стартап хаб.

„Заедно со вицепремиерот Фатмир, со Бистра, Ѓорѓи, Анита, Стефан и Дејан, со чинителите на стартап екосистемот, со странските донатори и стопанските комори, за првпат седнавме на иста маса, и се запрашавме – што се е потребно сите ние да направиме, за да им овозможиме на македонските стартапи побрз развој, полесен пристап до финансии и полесен влез до глобални пазари.“, изјави Петров, директор на ФИТР и додаде дека во моментов се финализираат и деталите околу првиот државен Инвестициски фонд, преку кој, во македонските стартапи ќе се инвестираат од 200.000 до 1.5 милион евра.

Директорот Петров потсети и дека е во тек финална селекција на компаниите кои аплицираа на јавниот повик „Стартапувај 3“, преку кој ќе се поддржат македонските стартапи со 2 милиони евра а преку повикот за комерцијализација на иновации кој е во тек, обезбедени се 8 милиони евра за домашните стартапи и иновативни компании да ги комерцијализираат своите производи и услуги.