– Ги разбирам реакциите кои ги видовме по интернет страниците и по социјалните мрежи, затоа што сме пред избори и има интенција ваквите големи проекти да се исмејуваат колку да им се одземе од значењето. Тоа што би сакал да појаснам, а и не беше јасно доволно јасно за граѓаните, е дека овој проект се работи во три фази. Првата фаза е пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Аеродром, тоа што веќе го гледаме тука. Втората фаза е мостот Михајло Апостолски, кој што е при крај и може да се види. Третата фаза е пробивањето на булеварот од Керамидница, па се до мостот и како целосно булеварско решение, изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху за денешниот Утрински брифинг на Слободна ТВ.
-Како што гледате, по булеварот АСНОМ веќе се движиме, а мостот би требало да биде готов во наредните 30 дена. Тоа што би требало да знаат граѓаните за овој мост
и булеварот е дека ќе има 6 автомобилски ленти, 3 од едната и три од другата страна, ќе има велосипедски патеки, лед осветлување, ќе има пешачки патеки, дрворед и зеленило, додаде Салиху.
– Кога почнавме со пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Керамидница, јасно кажавме дека булеварот од таа страна ќе биде пуштен во Јуни 2022, меѓутоа тоа што треба да се појасни е дека после мостот (од Аеродром кон Гази Баба) има и секундарни улици, така да кога ќе биде пуштен делот на мостот заедно со булеварот од страна на Аеродром, првично ќе биде приклучен кон тие секундарни улици а потоа, некаде Јуни следната година, ќе биде целосно поврзан со булеварот од страната на Керамидница, појасни Салиху.
– Со изградбата на овој мост ќе се реши хаосот во овој дел од градот. Ние гледаме дека во сообраќајот секој ден граѓаните се нервозни и тоа не е случајно. Имаме многу тесни грла низ градот кои мора да се растеретат. За жал во градот имаме се повеќе и повеќе коли, а тоа што истовремено како град го правиме е потикнувањето на користењето на алтернативен превоз, па затоа сите нови булевари имаат и тротоари и велосипедски патеки се со цел да го растеретиме тој сообраќаен хаос, потенцираше Салиху.
– Ваков мост последен пат бил изграден во 70-тите години, тоа е мостот Гоце Делчев до влада, и сите ја знаеме тежината на тој мост. Замислете да го немаше тој мост, каков хаос ќе имаше тој дел на градот. Со пуштањето на овој мост, овој дел од градот, ќе се растерети од аспект на сообраќај. На пример, од Чаир за да стигнам до тука ми требаа околу 40 минути, замислете да беше пуштен овој мост и овој булевар, денес тука ќе бев за 10 минути. Кратењето на 30 минути во период на одење или враќање од работа, и тоа како ќе им значи на граѓаните на Скопје, заклучи портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху во денешната изјава за Утрински брифинг на Слободна ТВ.