Во своето гостување на „ТВ Шења“, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов доби комплименти од новинарот Насер Селмани за избалансираниот развој на градот:
„Она што навистина мора да ви се признае, дури и најголемите противници тоа го признаваат, дека навистина сте работеле на избалансиран приод во подобрување на инфраструктурата. Колку што јас живеам во Скопје, толку инфраструктурни зафати во северниот дел на Скопје немало“.
Шилегов укажа дека Скопје за прв пат е град на сите и единствен град: „Скопје сега е град на сите, за прв пат е град на сите. Сега веќе не можеме да зборуваме за нашето и вашето Скопје. Сега веќе зборуваме за политики кои го прават едно, единствено, наше Скопје“.
Покрај реконструкцијата на улица Џон Кенеди, и проширувањето на „Пластичарска“, Шилегов го спомна и проширувањето на булеварот Никола Карев и градежните зафати кај Момин поток, каде што се гради комплексен сообраќаен проект – голем кружен тек на девет метри височина, со цел да се елиминира сообраќајниот метеж. Градоначалникот Шилегов наброи и други реализирани проекти од градот Скопје:
„Го реконструиравме целосно булеварот на Бит-пазар, ако се сеќавате. Годинава го довршивме кај МАНУ и кај Судска палата. Направивме два кружни тека, овде во Чаир, едниот кај Топлана, едниот кај Поликлиника Чаир; Босна и Херцеговина – булевар којшто административно гледано можеби припаѓа на општина Бутел, но сериозно се користи од сите граѓани, и излезот на обиколница“.
Шилегов посочи дека Бутел, Чаир, и Гази Баба, кои до неодамна беа периферни, заборавени, зафрлени општини, сега станаа центар на градот: „Тоа е добра политика, тоа е добро размислување, тоа е Скопје град за сите!“, поентираше градоначалникот на Скопје во своето гостување на „ТВ Шења“.