22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Оливер Спасовски: “Правото на слобода и правото на заштита од сите видови на мачење, нечовечко постапување и тортура е едно од основните човекови права, кое нема ограничување”

Интегрално обраќање на министерот Оливер Спасовски

Почитувани колеги министри Филипче и Маричиќ,

Почитуван претставник од делегацијата на ЕК, г-н Јанмат,

Почитувана г-а Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет,
Почитувана г-а Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници,

Дами и господа,

Полициските постапувања, пред сѐ од аспект на заштитата на човековите права и слободи, не само како меѓународно нормирани правни стандарди туку и, примарно, како темелни уставни вредности на сите демократски општества, сѐ уште претставуваат подрачје на посебен јавен и институционален интерес. Дури се чини дека денес тоа е уште повеќе изразено од порано, дотолку повеќе што светот пред себе има нови и сериозни глобални предизвици што подеднакво ги засегаат сите.

Но, настрана тој факт, кога говориме за заштитата на индивидуалните права и слободи, особено низ призмата на – неприкосновеноста на физичкиот и морален интегритет на човекот, на човековата слобода, како и резолутната забрана за секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување – како фундаментални уставно дефинирани принципи, и наспроти нив полициските постапувања, треба јасно да кажеме дека и претходно, а особено изминативе години за нас, како Министерство за внатрешни работи, од суштинска важност е тие постапувања да се исклучиво во функција и во сообразност со заштитата на човековите права и слободи.

Се разбира, од аспект на работењето на МВР, тоа е сложен и прилично сензибилен процес, мотивиран токму од потребата за стандардно-вредносна хармонизација на тие два концепта кои што никако не треба да се исклучуваат еден со друг, туку напротив, да се надоградуваат и преплетуваат. Уште повеќе што заштитата на човековите права и слободи претставува сама по себе дел од безбедносните сегменти на едно општество.

Во суштина, станува збор за една од задачите што нормативно ѝ е доделена и на Министерството за внатрешни работи, со јасно назначен делокруг и надлежности на работење во тој смисол. И, иако пред нас има уште отворени цели за достигнување, сакам да нотирам дека МВР во изминатиот период направи сериозни и мерливи напори и презеде активности, не само во поглед на почитување на принципите што го сочинуваат корпусот на човекови права и слободи, туку и за нивна конкретна заштита во доменот на полициското постапување.

Практично, и во организациски и во оперативен смисол, полицијата демонстрираше подготвеност и волја да се заложи за подинамично и квалитетно имлементирање на сите сугестии, стандарди и процедури во насока на етаблирање на заштитата на човековите права и слободи. Ова е приоритетен принцип во полициското постапување во сите нејзини сегменти, вклучително и во фазите на работа со задржаните лица, од моментот кога некое лице е приведено, лишено од слобода, односно задржано во полициска станица, со наредба издадена од суд или без наредба, па сѐ до моментот на негово предавање пред надлежен суд, односно негово ослободување од полициската станица.

Покрај низата проекти во кои што полицијата активно учествуваше, заедно со нашите партнерти од ЕУ, од Советот на Европа, од ОБСЕ – МВР во 2018 година ја ревидираше, односно надогради и Стандардната оперативна процедура за полициско постапување. Притоа, примарниот фокус беше ставен кон зајакнување на капацитетите за правилна и доследна примена на законските и подзаконските акти во примената на полициските овластувања, со кои се ограничува правото на слобода на движење на граѓаните од страна на полициските службеници. А се разбира, во заеднички интерес и на припадниците на полицијата во целост, но и на граѓаните за кои постојат основи за нивно приведување, лишување од слобода и задржување во полициска станица.

Впрочем и денешниов настан, односно завршувањето на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и во установите за лишување од слобода“, во чија што реализација крајно транспарентно и одговорно партиципираше МВР, преку својот Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, јасно говори за нашата решеност да истраеме во реформското трансформирање на полицијата како реален и кредибилен сервис на сите граѓани.

Всушност, би сакал уште еднаш да прецизирам: правото на слобода и правото на заштита од сите видови на мачење, нечовечко постапување и тортура е едно од основните човекови права, кое нема ограничување. А како водечко начело, МВР во континуитет презема и ќе продолжи да презема мерки за подобрување на состојбата – со експлицитна порака за никаква толеранција на било која форма на нечовечко однесување и постапување. Притоа, во континуитет фокусот ќе биде ставен на напорите кон обезбедување на процедуралните права на лицата на кои им е ограничено правото на слобода на движење и гарантирање на минимум (материјално технички) услови, но и кон натамошна обука и едукација на полициските службеници за безусловно имплементирање на овие елементи.

Неспорно е дека во остварувањето на овие цели ни се потребни поддршка, помош и соработка. Дотолку повеќе што проблематиката на човековите права и слободи е еден динамичен концепт којшто бара постојаност во ангажманот, посветеност, познавање и следење на материјата, но и нејзина практична примена и проверка во секојдневјето. Во основа, природата на полициското работење е нераскинливо поврзана со концептот на човекови права и слободи, а полициските службеници секојдневно се соочуваат со ситуации во кои од примарно значење е познавањето на нормите и процедурите, пред сé од аспект на примена на полициските овластувања.

Во таа смисла МВР останува целосно отворено и подготвено за секаква форма на соработка што би донела нови позитивни исчекори во посакуваниот правец. Овој настан денес е значаен и конкретен пример за таквото партнерство и јас сум повеќе од сигурен дека проектот што го реализираат Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и резултатите и согледувањата од него, ќе дадат нов импут во заедничкиот јавен интерес за етаблирање и надградување на демократските стандарди и вредности во нашето општество.

Благодарам

Можеби ќе ве интересира

Министерот Спасовски во Букурешт оствари работна средба со Огуз Серкант Акин, директор на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК

M T

Реализирана билатерална средба на министерот Спасовски со неговиот романски колега Боде, на која беа потпишани и два документа за зацврстување на соработката

M T

Спасовски: Обединети сме во слободата, а чувањето на независноста е наша заедничка обврска

M T

Работна средба на министерот Спасовски со Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која

M T

Спасовски: Од денеска сите вработени во МВР добиваат покачување на платата од 5%

M T

Спасовски: 5 нови возила и 2 комбиња за Одделот за специјални полициски операции

M T