24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Премиерот Зоран Заев и министерката Шахпаска на 75 години од основањето на Сојузот на пензионерите: Пензискиот фонд е стабилен, а пензиите растат и се исплаќаат редовно

Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова, денеска се обратија на Денот на пензионерите – 20 септември, на свечена седница по повод јубилејот 75 години од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Премиерот Зоран Заев им ја честиташе годишнината на членовите на Сојузот, која се поклопува со 30-годишнината од независноста на нашата држава и им посака уште долги години посветено и успешно спроведување на нивната благородна мисија. Тој едновремено ја изрази одлучноста на Владата да работи на унапредување на квалитетот на живеење на највозрасната категорија граѓани која го вгради својот работен век во иднината на оваа земја.

„Седумдесетипетгодишнината од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите се поклопува и со јубилејот 30 години самостојност и нѐ потсетува на она што никако не смееме да го заборавиме – дека токму оваа генерација граѓани на свои плеќи понесе најголем товар во времето кога државата работеше на консолидирање на економијата. Свесни сме дека личниот влог на секој од вас е огромен и должни сме да ви изразиме неизмерна почит и благодарност“, истакна премиерот Заев.

Во своето обраќање до присутните тој нагласи дека еден од приоритетите и обврски на оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика е подеднаква грижа за сите граѓани преку концептот „Едно општество за сите“ и особено исправање на неправдите кон пензионерите.

„Сега два пати годишно имаме усогласување на пензиите со трошоците на живот. Со ова законско усогласување од една страна ги усогласуваме пензиите со трошоците за живот, а од друга страна го штитиме фондот за ПИОМ со цел и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на своите пензии. До крајот на годината ќе работиме во правец на менување на системот за пресметката на пензиите при што ќе биде вграден и критериумот раст на просечната плата покрај критериумот раст на трошоци за живот“, подвлече премиерот Заев.

Тој нагласи дека пензискиот фонд е стабилен, со што пензиите ќе течат редовно и ќе растат согласно законот што на оваа група граѓани ќе им гарантира сигурна егзистенција за време на пензионерски денови, квалитетен и достоинствен живот.

Премиерот Заев истакна дека Владата заедно со Министерството за труд и социјална политика презеде и низа конкретни активности во насока на подобрување на социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите, како што се зголемените капацитети за сместувања на возрасни лица и пензионери, социјалните сервиси посета и грижа на пензионерите, и повеќе дневни центри и пензионерски домови за што се потпишани договори со 19 општини во државата. Владата на Сојузот на здруженијата на пензионери му обезбеди простор за трајно користење со што се создадоа подобри услови за негова работа.

Министерката Шахпаска на присутните им го честиташе јубилејот и им се заблагодари на посветеноста и на ентузијазмот со кој во текот на својот работен век ја градеа нашата држава.

Таа истакна дека пензискиот фонд и покрај економската и здравствена криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, е во стабилна состојба, а пензиите, како и досега, ќе продолжат со тековна, редовна и навремена исплата.

„Од минатата година овозможивме исплатата на пензиите да тече предвреме, во четири групи, во зависност од висината на пензијата. Со тоа ја заштитивме најранливата група на наши граѓани од изложеност на КОВИД-19, и не дозволивме групирање при подигнувањето на пензиите. Нашата порака е јасна, создаваме систем, според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори“, подвлече министерката Шахпаска.

Министерката во оваа прилика информираше дека со Законот за социјална сигурност за старите лица на возрасните лица кои не се корисници на пензија и други социјални услуги, им е обезбеден месечен надоместок од 6.000 денари, и дополнително додаток од 1.000 денари, заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството.

„Исто така ја воведовме услугата, помош и нега на стари лица во домот која се спроведува во домашни услови. Негователи им помагаат на старите лица во секојдневните активности, облекување, хранење, набавка на лекови и прехранбени производи, прошетки во околината. Оваа услуга ќе ја спроведуваат 300 негуватели, а ќе бидат опфатени 900 пензионери во целата држава“, истакна Шахпаска.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова изрази голема благодарност за присуството и укажаната поддршката од страна на премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска како и на директорката на ПИОМ Билјана Јовановска.

„Во својот развој оваа пензионерска асоцијација прерасна во најмасовна најактивна и невладина мултиетничка организација. Денес во нашата држава има 324.066 корисници на пензија кои својата материјална егзистенција ја обезбедуваат во реформиран пензиски систем. Просечната пензија изнесува 15.854 денари и нејзиното учество во однос на просечната плата изнесува 55,2%. Она што за пензионерите е многу важно е што имаме редовна исплата, а во услови на пандемија пензиите се исплатуваа предвреме во неколку групи почнувајќи од најниските, заради обезбедување на превентивна заштита на пензионерите“, истакна Трајкова.

На крајот на оваа свечена седница претседателката СЗПМ, како израз на благодарност за континуираната поддршка, им додели плакети на премиерот Зоран Заев, на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и на директорката на ПИОМ Билјана Јовановска.