Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, преку социјалните мрежи испрати порака до сопствениците да внимаваат и да ги чипираат своите домашни миленичиња.
Со поткожното вметнување на микрочипот, кој е потполно безбеден и на никаков начин не прави штета на миленикот, податоците за животното и на сопственикот се внесуваат во базата на податоци, односно во идентификациониот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство – ИСАХВ.
Бројката на домашни миленици, особено кучињата и мачките, драстично се зголеми од почетокот на КОВИД 19 пандемијата. Многумина од нас, особено оние граѓани кои живеат сами во своите домови, полесно ги поминуваа деновите на полициските часови и самоизолацијата во друштво на своите најдобри животински пријатели.
До ЈП „Лајка“ во изминатиот период стигнаа многу пријави за изгубени и избегани домашни миленици пред сѐ, кучиња, но и граѓаните споделуваа објави на социјалните мрежи, со цел и надеж за наоѓање на изгубените миленици.
Микрочипот е со големина на зрно од ориз, се вметнува од страна на стручно лице – ветеринар и доколку миленикот е чипиран, со помош на чипот, при неговото заловување од надлежните служби, многу лесно може да се утврди сопственоста на кучето и истото да биде вратено назад, на својот сопственик.
Еден ваков пример доаѓа од ЈП „Лајка“ – златниот ретривер Лео, кој по пријава од граѓани, беше лоциран како талка по улиците, повторно се врати дома, кај својот сопственик. Со помош на микрочипот и податоците од идентификациониот систем, многу лесно се најде сопственикот, кој по контактот со ЈП „Лајка“, не можеше да ја сокрие својата среќа што Лео повторно ќе си дојде во својот дом.
Чипирањето се изведува во секоја ветеринарна амбуланта, чини околу 800 денари, а до овој момент, чипирани се вкупно 72156 домашни миленици од кои 69234 кучиња, 2921 мачки и 1 ласица.