Скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против 33-годишен скопјанец осомничен за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Како што информираат од Обвинителството, постои основано сомнение дека 33-годишникот во станот во кој живеел и во станот на својот покоен дедо во Скопје недозволено одгледувал, преработувал и држел за продажба марихуана.
При претрес во домот на осомничениот на булеварот АСНОМ во Скопје биле пронајдени и одземени вкупно 71 стебло од растението канабис, повеќе пакувања со марихуана, гранки во процес на сушење, тегли и други пакувања со семки од марихуана.
Во втората илегална импровизирана лабораторија, пак, во стан на булеварот Партизански одреди, полициските службеници откриле уште 81 стебло од растението канабис, кои се одгледувале во специјално направени услови со инсталирано посебно осветление и температурни услови.
Во станот биле пронајдени и 12 помали саксии со насади, ламби, вентилатори, засилувачи и друга опрема за производство на марихуана.
Јавниот обвинител до судот доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат дека ваквата мерка е неопходна за непречено водење на постапката.