23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: 8 Септември ќе остане запаметен како ден кога се обединивме, а денес својата независност ја потврдуваме во НАТО

„Денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет. Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија“ кажа премиерот Зоран Заев на свечената владина седница по повод 30 години независност.

Премиерот додаде дека Република Северна Македонија сега е крената како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на неколку цврсти столбови.

„На столбовите за правна држава и владеењето на правото, на столбот за Економски раст, на столбот општество и институции како сервис за граѓаните, на столбот Едно општество за сите. Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина“ кажа Заев.

Нашиот придонес за идните генераци, како што потенцираше премиерот, ќе биде иднина за Северна Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани, ослободени од стравовите и предрасудите од минатото.

„Во пресудни моменти, кога се решаваа историски прашања, граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки. Направија, вистински, исправни избори. Во периодот од 77 години од државотворниот АСНОМ и 30 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции. Една од најважните од овие лекции е лекцијата за чувањето и негувањето на демократија“ потенцираше Заев.

Тој додаде дека во последните шест години, граѓанските вредности во нашата земја повторно се највисоко поставени и кажа дека слободата и демократијата се на пиедесталот.