23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(ВИДЕО) Заев: Огромна чест и привилегија е да ја добијам Меѓународна награда за мир на Вестфалија за 2020 година

Огромна чест и привилегија е да ја добијам Меѓународна награда за мир на Вестфалија за 2020 година, порача премиерот Зоран Заев на денешното доделување на Меѓународна награда за мир на Вестфалија, која ја доби тој заедно со експремиерот на Грција, Алексис Ципрас.

– Голема чест е што моето, и името на мојот пријател Алексис Ципрас, ќе бидат додадени на долгата листа на добитници на оваа награда, заедно со познати имиња како што се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Валери Жискар Дестен, Кофи Анан, Хелмут Шмит, екипажите на Меѓународната вселенска станица, трите балтички држави Латвија, Естонија, Литванија и други.

Бидејќи меѓународната награда за мир на Вестфалија им оддава почит на личности или претставници на држави и групи кои се особено посветени на европската интеграција и мирот во Европа, сакам со сите вас да ја споделам приказната за две земји посветени на Европа и на мирот, рече Заев.

– Во еден од најубавите пејзажи во Европа, во недопрената природа на Преспанското Езеро, каде што се среќаваат границите на Северна Македонија, Албанија и Грција, на 17 јуни 2018 година, го потпишавме историскиот – Преспански договор.

Ако Договорот од Вестфалија од 1648 година беше пресвртница , бидејќи со него се развива капацитетот на Европа да се живее со верските различности, Договорот за Преспа е пресвртница за нашиот регион.

Всушност, дури и првиот член на Вестфалискиот договор не зборува буквално за мир, туку за пријателство – „вистинско и искрено пријателство“ помеѓу неговите потписници. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството!

Со овој договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција.

Прашањето беше отворено три децении. Поминавме три децении несигурност за нашата иднина. Три децении сериозна грижа за несакани последици. Три децении блокирани перспективи кои се од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и евроатлантските структури.

Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес.

Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси.

Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение.

Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки.

Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме – ние нема да го ставиме процесот во кутијата.

Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови, а не sидови!

Што се предизвиците ако не и шанса за решенија! Ако не ги гледате предизвиците како можности за креативни решенија, како чекори кон остварување на нашата визија.

Затоа Алексис и јас избравме да најдеме решение без одложување. Кој е доблесен? Оној што едноставно го продолжува проблемот, или оној што прифаќа да го реши истиот?

И јас и Алексис сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик.

Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот.

Кога ќе видите од другата страна на масата за преговори личност која е фокусирана на решенија, личност со која ги делите истите политички вредности, тогаш ги имате сите потребни состојки за пријателски односи и атмосфера за да постигнете взаемно прифатливо решение за проблемот.

Уште поважно, овој вид на поврзаност мотивира, се претвора во пријателство. И двајцата го вградивме ова пријателство во темелите на новиот однос помеѓу нашите земји. Тоа е најскапоцената придобивка.

Избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества. Пример за лидерство на Европа!

Дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно!

Оваа година Северна Македонија слави 30 години од својата независност и јас сум среќен да кажам дека во нашата триесетта годишнина, ние сме триесеттата членка на НАТО.

Тоа беше можно поради Договорот од Преспа.

Почестен сум и што имав можност да го исполнам сонот на многу генерации граѓани на Северна Македонија.

Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел и е меѓу нашите најголеми достигнувања во надворешната политика. Членството во НАТО е одраз на нашиот суверен избор и сведоштво за нашата силна политичка и општествена цел да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство на нации.

Денес, Северна Македонија ја подобри безбедноста и стабилноста а следствено стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан. Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.

Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската унија.

Веруваме дека за Северна Македонија не постои алтернатива за интеграција во ЕУ, и ние сме сѐ уште сме на пат кон ЕУ!

Евроатлантската иднина е поттик за економски раст: стимул за инвестиции, повеќе трговија, пристап до единствениот пазар на ЕУ, зголемена мобилност на луѓе, стоки и капитал, пониски кредитни стапки. Тоа ќе ни помогне да создадеме повеќе работни места и да спречиме одлив на мозоци а со тоа и ќе ги задржиме младите дома.

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наш заеднички приоритет и стратешка цел и продолжуваме да работиме кон остварување на нашите амбиции за интеграција во ЕУ.

Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.

Сега е време да се обединиме околу фактот дека историјата е важен дел од нашите идентитети, но визијата за иднината има посебно место во нашите срца.

Конечно, уште еднаш ја искажувам својата длабока благодарност за Меѓународната награда за мир на Вестфалија.

Оваа награда е истовремено признание, но и обврска за сите наши идни политички одлуки да бидат посветени на европските вредности и мир што немаат алтернатива, рече премиерот Зоран Заев.