23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Заев: Обезбедуваме услови за претприемачите Роми и отворање нови работни места

Два меморандума поврзани со Стратегијата за инклузија на Роми беа потпишани денеска во Владата во присуство на премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество (ФОО) Алекс Сорос.

Премиерот Заев истакна дека со потпишувањето на меморандумите се потврдува заложбата на Владата за социјални и економски политики за поттикнување на претприемништвото на ромската заедница, како и социјално-здравствени политики за поддршка на ранливите заедници.
Од Владата информираа дека Првиот меморандум е за соработка и промовирање на развојот на претприемништвото на Ромите во Северна Македонија и го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и Петрика Дулгеру од Иницијативата за економските развој на Ромите – РЕДИ.  Вториот меморандум е за соработка за спроведување на итни интервенции во поликлиниката „Шуто Оризари“ и го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче, директорите на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока, и Елвис Шаќири од Ромалитико – Аваја.

-За реализација на овој проект, со заедничко учество, односно мечирање средства на Владата на РСМ во износ од 61,4 милиони денари и со средства на Иницијативата РЕДИ во износ од 92,1 милион денари, ќе се обезбедат вкупно 153,5 милиони денари за реализација на овој одличен проект. Средствата за финансирање од страна на Владата од 61,4 милион денари се обезбедени од петтиот сет економски мерки за справување со последиците од Ковид-19. Со Мечинг-фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот во ромската заедница и за полесен премин во регистрирана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување во бизнисот. Нашите очекувања се дека голем број невработени лица и регистрирани субјекти годишно управувани од Роми преку овие мерки ќе имаат пристапни поволни услови за финансиски средства за формализација, реализирање бизнис-идеи, самовработување и унапредување на бизнисот, изјави Заев по потпишувањето на меморандумите.

Алекс Сорос, заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество во своето обраќање ја поздрави исклучителната посветеност на Владата на Република Северна Македонија на политиките на инклузивност и истакна дека Мечинг фондот РЕДИ и „КОВИД – Итни интервенции во општина Шуто Оризари“ доаѓаат и во многу значаен момент и за регионот токму со лансирањето на иницијативата „Отворен Балкан“ која може дополнително да создаде иницијативи за одржливост и раст на бизнисот во ромската заедница и да генерира нови работни места.

„Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде засилена и со поддршка на ЕУ, особено во делот на финансиската поддршка за регионалната економска соработка, зелените инвестиции, како и во делот на поддршката на јавниот и приватниот сектор. Фондацијата отворено општество ќе продолжи со поддршката за РЕДИ, за Северна Македонија и за другите земји во регионот“, потенцираше Алекс Сорос, заменик-претседател на Фондацијата отворено општество.

-Оваа Владата го препознава потенцијалот на ромското претприемништво и придонесот што Ромите можат да го дадат кон развојот на нивните сопствени заедници како и земјата и затоа го правиме овој прв чекор кон долгорочната цел за остварување на економски стабилна ромска заедница. Овие наши заложби и проекции, чиишто темели ги поставуваме и ги развиваме создаваат инаква приказна за потенцијалот и можностите и на земјата и на регионот. Ние веруваме дека со обезбедување на услови за претприемачите од ромската заедница да развиваат бизнис создаваме и можности за отворање на нови работни места во општината, од друга страна заклучи премиерот Зоран Заев.