Денеска во Клубот на пратеници, по повод Светскиот ден за борба против трговија со луѓе – 30 јули, прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации, се одржа средба на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија на која официјално беше објавено реактивирањето на Мобилните тимови за идентификација на жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе.
Воведно обраќање имаа Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија и државна секретарка во МВР, м-р Магдалена Несторовска, претставник од Министерството за труд и социјална политика и член на Националната комисија Елена Грозданова и раководителката на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во Скопје, Соња Божиновска.
Националната координаторка, м-р Несторовска, во своето обраќање посочи дека Република Северна Македонија ќе продолжи со активностите насочени во борбата против трговијата со луѓе, а тоа се докажува и со неодамнешното приклучување во кампањата на Обединетите нации, наречена СИНО СРЦЕ, чија цел е подигнување на свеста за проблемите и страдањата на жртвите на трговија со луѓе и нѐ потсетува на ладнокрвноста на оние кои учествуваат во овие криминални дејствија.
Република Северна Македонија е дел од оваа глобална кампања заедно со уште 33 земји од светот и е втора земја во регионот која ќе ја дава својата поддршка на ова поле. Со користење на #EndHumanTrafficking ќе се помогне кон побрзо и полесно запознавање на корисниците на социјалните медиуми со овој горлив проблем на глобално ниво.
Како што потенцираше Божиновска, ИОМ во соработка со институциите имплементира проекти кои имаат за цел поддршка на процесот на идентификација на жртвите и потенцијалните жртви на трговија со луѓе, како и јакнење на капацитетите на институциите согласно актуелните трендови.
На средбата беше истакнато дека функционирањето на Мобилните тимови е поддржано од Меѓународната организација за миграции – ИОМ и тие ќе продолжат повторно да работат како пет мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, вклучително и жртви на трговија со луѓе (во Битола, Гевгелија, Куманово, Скопје и Тетово), преку Меморандумот за соработка склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи во јануари 2018 година. Во нив членуваат претставник од Министерството за внатрешни работи, претставник од Министерството за труд и социјална политика и претставник од невладините организации кои работат на полето на борба против трговијата со луѓе.
Овој проект претставува една од успешно реализираните приоритетни активности, предвидени во реформски План 3-6-9 на Владата на Република Северна Македонија. Работата на мобилните тимови се движи во насока на навремена идентификација и работа директно на терен со најранливите категории на граѓани, а во периодот кој следи ќе се работи и на наоѓање начин на нивна институционализација.