Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници на Коалицијата „Менуваме“ со кои разговараше за нивните барања во насока на подобрување и унапредување на состојбата на лицата со попреченост.
Министерката Шахпаска укажа дека голем дел од нивните барања се дел од агендата и приоритетите на кои Министерството за труд и социјална политика веќе работи во директна соработка со претставници на лицата со попреченост. Таа нагласи дека секогаш е отворена за дискусија и главен приоритет е да се креираат и да се прошируваат услугите за лицата со попреченост во согласност со нивните потреби.
Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска информираше дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти, но поради пандемијата со Ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана. Покачувањето на овој надоместок ќе се планира во буџетот за наредната година.
За потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, министерката Шахпаска информираше дека во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни. Министерката Шахпаска ги повика претставниците од Коалицијата „Менуваме“ да се вклучат проактивно во дискусијата и да дадат свои предлози во изборот на најсоодветниот модел.
Во однос на потребите за унапредување на состојбите со личната асистенција, министерката Шахпаска информираше дека со измените на Законот за социјална заштита кои стапија на сила минатата недела, зголемена е достапноста на правото за користење на личната асистенција и за децата од шест години, преку спуштање на досегашната возрасна граница од 18 години. За спроведување на оваа измена обезбедени се средства за 200 дополнителни асистенти, но, како што најави министерката, доколку има потреба од повеќе асистенти нема пречки да се зголеми и оваа бројка.
За барањето за проширување на мрежата на дневни центри за лица со попреченост, министерката Шахпаска, информираше дека во моментот се работи на отворање на дневни центри во Липково и Делчево, во Чашка, во Боговиње, а се работи и на проект за дневен центар за деца со аутизам во Скопје.
Министерката Шахпаска најави дека наскоро ќе биде распишан нов јавен повик за општините за развивање на социјални услуги и за таа цел нагласи дека директно ќе контактира со градоначалниците за да им се обезбеди стручна поддршка во плановите за развој на социјалните услуги.
Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, министерката Шахпаска информираше дека е изработен и пуштен во употреба аудио читачот- апликација за лица со оштетен вид, кој ќе им овозможи олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.
Во однос на барањето за симнување на границата за деца со попреченост од 26 на 18 години за остварување на права од социјална и здравствена заштита, министерката Шахпаска, оцени дека станува збор за легитимно барање за кое Министерството ќе изготви анализа за влијанието на оваа промена врз правата на овие лица во сите сфери.
Министерството за труд и социјална политика останува отворено за унапредување на состојбата на лицата со попреченост преку взаемен дијалог и соработка со сите засегнати страни.