Министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас, вчера во Атина го потпишаа договорот за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија.
На потпишувањето на договорот присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, извршниот директор на „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.
Како што информираат од владината прес-служба, со потпишувањето на овој договор се гарантира намерата на владите на двете земји да ја прошират постојната соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.
Изградбата на интерконекторот има цел да ги зајакне односите помеѓу Северна Македонија и Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас во нашата држава.
„Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас. Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави, кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи, како што се Косово и Србија“, рече министерот Бектеши по потпишувањето на договорот.
„Потпишавме меѓувладин договор за изградба на гасовод за природен гас, кој ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија и на овој начин постигнуваме две работи. Прво, ја надградуваме геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дека уште повеќе ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија и, од друга страна, на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија и така ова да придонесе и во општата европска визија, Европа да биде прв, климатски неутрален континент до 2050“, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас.
Вкупната вредност на овој проект изнесува речиси 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Северна Македонија изнесува 54 милиони евра.
Во наредниот период следува потпишување договор за соработка помеѓу „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје и грчкиот национален оператор на гас ДЕСФА, со кој двете страни ќе гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави.