23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

ВМРО ДПМНЕ не гласале за потребата од скратена постапка за намалување на ДДВ за струјата, обвинува СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се против граѓаните да плаќаат помали сметки за електрична енергија“, обвинуваат од СДСМ, од каде информираат дека пратениците на опозициската партија на денешната собраниска седница не гласале за усвојување на потребата од скратена постапка при носењето на измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност со која ДДВ за струјата ќе се намали од 18 на 5 отсто.

Претходно од Владата информираа дека целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци.

Од Регулаторната комисија за енергетика известија дека и покрај новата цена за електрична енергија за еден киловат час сметките ќе останат речиси исти со примена на измените на Законот со кои ДДВ за електрична енергија.

-Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали, како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ-то за електрична енергија. Намалувањето на ДДВ-то е добро решение, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Сепак, својствено за парламентарното однесување на ВМРО-ДПМНЕ од изминатиов период и овие измени кои се во корист на граѓаните и државата, наидоа на „блокада“ од страна на опозиционерите, кои ги претпочитаат личните и партиските интереси. Партијата предводена од Христијан Мицкоски започна да ги „кочи“ сите предлози на Владата и владејачкото мнозинство во Собранието, но особено наидоа на негативни реакции во јавноста кога го блокираа петтиот економски пакет за поддршка на граѓаните и бизнисите. Опозиционерите решија со петстотини амандмани во Собранието да ги блокираат измените во Законот за здравствена заштита, кои предвидуваа лекарите коишто ја исполниле старосната граница за пензионирање да можат да го продолжат работниот век до 67 години, особено поради искуството со вториот бран на епидемијата. ВМРО-ДПМНЕ го попречи и заемот од 90 милиони евра кредит од Светска банка, наменет за справување со последиците од корона кризата и изградба на модуларни болници. На опозициска блокада наиде и изградбата на нов Клинички центар, а препреки се најавуваат и за Законот за отпис и репрограмиње на долговите, со кои ќе им се помогне на најранливите категории.

Во меѓувреме, властите континуирано изнаоѓаат начини да го зголемат семејниот буџет, преку укинување на радиодифузната такса, трикратното зголемување на социјалната помош, вториот закон за отпис на долгови и други. Неодамна премиерот Зоран Заев најави дека ќе се бори за интересот на граѓаните, преку „разбивање“ на сите кочници на ВМРО-ДПМНЕ.

– Имаме инвестиции, насекаде, но имаме и една во последните неколку месеци и една инвестиција која се случува близу Собранието, тоа е инвестиција во гуртни, во блокови, во кочници, на нив стои амблемот на ВМРО-ДПМНЕ и ликот на Христијан Мицкоски , а на амбалажата пишува „Најголеми кочници на светот“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на трибината во Дебар.