Прес-конференција, Лолита Ристова, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Владата предводена од СДСМ ја потврдува грижата за граѓаните и надминување на социо-економските последици кои ги почувствуваа поради пандемијата со коронавирусот.
Владата го усвои предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на ковид-19, како дел од петтиот пакет економски мерки.
Ова законско решение предвидува да се отпишат пресметаните камати на долговите на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови и да се репрограмира доспеаниот главен долг и трошоци, а граѓаните ќе можат да го плаќаат на повеќе рати.
На околу 150.000 наши сограѓани, пред се од ранливите категории, ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнето плаќање на долговите кон државните органи, јавните институции и даночните долгови, бидејќи високиот износ на каматата кој некогаш може да стигне и од 70 до 80% од вкупниот долг, ги спречува целосно да ги подмират обврските.
Имплементацијата на овој закон нема негативни фискални импликации, напротив позитивно ќе влијае врз економијата, бидејќи ќе претставува стимул за граѓаните да ги подмират долгогодишните заостанати долгови.
Институциите опфатени со овој закон во рок од 90 дена од почетокот на примената на овој закон ќе го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин, а потоа ќе го известат во рок од 15 дена.
Истовремено ги повикуваме приватните компании на доброволна основа да го следат овој пример, на ист начин да им излезат во пресрет на граѓаните и да демонстрираат општествена одговорност и солидарност, како што тоа, на почетокот на пандемијата го сторија извршителите, со непреземање извршни дејствија и банките со одложување на плаќање на ратите за кредитите за 3 до 6 месеци.
Оваа мерка, ова законско решение е еднократна постапка за рестартирање на долговите на граѓаните, со цел да им се излезе во пресрет и да им се отворат можности за зголемување на нивната ликвидност, токму затоа ова беше една од економските мерки кои беа донесени во време на кризата.
СДСМ како одговорна партија продолжува со континуирана грижа за граѓаните, за нивната социјална сигурност, за раст на платите и животниот стандард.
Благодарам