23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Заев со одлична вест – Се носи мерка која ќе опфати 150.000 граѓани на кои ќе им бидат избришани долговите на основ на камата, но и репрограмирање на целиот долг

На денешната седница на Владата, која што сѐ уште е во тек, го утврдивме текстот на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на Ковид-19. Како што знаете, овој закон како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, беше вклучен во петтиот пакет мерки на Владата, соопшти на прес конференција предмалку прмеиерот Зоран Заев.

– Со оваа мерка, која што ќе се реализира со закон, уште еднаш ја потврдуваме нашата грижа за граѓаните и тоа во услови што ги предизвика пандемијата со Ковид-19 и социо-економските последици што ги предизвика за граѓаните.

Грижата што ја покажуваме со оваа мерка опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растеретени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати.

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон, вели Заев.

Практично, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите, тука се опфатени пред се најсиромашните граѓани.

– Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.

Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.

Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но, и во законското решение, и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните.
Почитувани,
Граѓаните, особено социјално ранливите, во овој период на Ковид кризата се соочија со потешкотии во подмирувањето на своите обврски не по своја вина.

Владата, во екот на пандемијата, презеде повеќе мерки за да им ја олесни оваа ситуација. Меѓу другото, времено го суспендиравме Законот за извршување во период од неколку месеци. Извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија. Работодавачите на должниците и носителите на платен промет беа должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите.

Од сличните мерки беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци и тие тоа го прифатија.

Еве нé сега повторно со нова мерка наменета директно за олеснување на финансиските обврски на близу 150.000 наши сограѓани, а тоа допира до многу повеќе семејства.
Продолжуваме и понатаму со максимална грижа за здравјето на граѓаните, за нивната социјална сигурност, како и за работата на компаниите, за платите на работниците, за зачувување на работните места, рече премиерот Зоран Заев.

Прес конференцијата може да ја проследите во прилог: