23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

НАТО занемарен на партискиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ

Со познатиот партиски наратив ВМРО-ДПМНЕ вчера го прослави својот 31. роденден. Иако јавноста очекуваше реформирање и модернизирање во политичкото делување на опозициската партија, од говорот на претседателот Христијан Мицкоски можеше да се чујат добро познатите обвинувања кон власта, а во однос на надворешната политика што би ја водела ВМРО-ДПМНЕ доколку освои мнозинство, одново настапи молк.

Па дури и, невообичаено за партија чија заложба е активно членство во НАТО, на партискиот роденден во Охрид изостана да се вее знамето на најголемиот воен сојуз и тоа само еден ден откако Македонија за првпат полноправно учествуваше на Самит на Алијансата. Не говорејќи за евроатлантските интеграции на земјава, Мицкоски само во една реченица од говорот ги спомена ЕУ и НАТО. Исто така, само ден откако премиерот Зоран Заев, на Самитот во Брисел, оствари куса средба и со американскиот претседател Џо Бајден и се сретна со голем број лидери од регионот и Европа, лидерот на опозицијата сепак во некаков контекст ја спомена европската престолнина.

-Не е доволно да кажете „жицата македонска нема да ја скинам“, или да му се насмеете на некој бирократ таму во Брисел и да мислите дека сте ја завршиле работата. Успехот во политиката се гледа во тоа колку проблеми сте решиле, изјави Мицкоски пред членството.

Инаку партијата на Мицкоски е одлучна во ставот дека нема да го почитува Преспанскиот договор, кој ги отклучи аспирациите за членство во НАТО и Европската унија и токму од претседателот на САД, Џо Бајден, пристигна предупредувањето дека сите оние што нема да го почитуваат Договорот со Грција ќе се најдат на „црната листа“, бидејќи работат на дестабилизација на регионот.

-Станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го Договорот од Преспа од 2018 година, гласи дел од извршната наредба на Бајден.

Дали и какви импликации, во иднина, во однос на меѓународната позиција на земјата и членувањето во Алијансата ќе има непочитувањето на Преспанскиот договор од страна на ВМРО-ДПМНЕ засега е нејасно, но во јавноста оправдано се наметна прашањето за тоа колку опозициската партија би била посветена на активно учество во ЕУ и НАТО. Па дури, со ставањето на НАТО во втор план, пропаѓа во вода и најновиот слоган на партијата „Македонија за сите луѓе“, со оглед на фактот што околу 80% од македонските граѓани се цврсто определени за проактивна улога во најголемиот воен сојуз, кој носи стабилност, а со тоа и економски просперитет.