Заедно со граѓаните успеваме Скопје да го претвориме во една успешна приказна бидејќи пред четири години баравме промени, подеднакво не болеше тоа што му се случуваше на нашиот град, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“ .
-Додека други ги окупираа јавните простори, продаваа плоштади за да градат Шпански скали, ние ги ослободувавме јавните простори и ги преуредувавме да бидат по пријатни и за пешаците и за велосипедистите, но и за оние кои им е потребен малку одмор и релаксација. Сетете се како изгледаа просторот кај Филхармонија до пред една година, преполн со паркирани возила во кал. Денеска паркот Ибни Пајко е полн со луѓе и зеленило. Покривот на ГТЦ беше детектиран од УНДП како т.н. топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило, потсети Шилегов.
Тој рече дека во изминатите години е воведен целосно нов концепт за третман на комуналниот отпад со современи контејнери, нови камиони и нови машини специјализирани за ефикасно чистење на јавни површини, тротоари, велосипедски патеки и други потешко достапни места.
-Не знам дали забележавте, никој веќе не зборува за загадување. Започнавме војна со аерозагадувањето со воведување на нови 40 мерки. Само со субвенциите на инвертер клима уредите во Скопје денес чадат 5.000 оџаци помалку во однос на претходно, рече Шилегов.
Шилегов потсети дека дивите депонии и дивите паркиралишта се претворени во паркови.
– Ги ослободуваме тротоарите и велосипедските патеки од возила. Сетете се како изгледаа до пред само две години тротоарите на Даме Груев, Партизанска (спроти Соборниот Храм), тротоарот кај Зградата на Пошта и многу други. Го ослободивме и Кејот 13 ноември, чекор по чекор го ослободуваме и коритото на Вардар, го чистиме од коров, но и од Галиите што ни ги оставија во наследство не водејќи сметка за можните поплави.
Шилегов потсети дека заедно со Владата, Градот ја започна и реконструкцијата на Универзална сала како и популарниот Дино парк во кругот на Зоолошката кој сега руши рекорди на посетеност како регионална атракција, а ја најави и изградбата на новиот Забавен парк.