22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј

На 24 Мај, Денот на сесловенските просветители го одбележуваме епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, благодарение на кое на македонскиот народ, но и на останатите словенски народи им беше овозможено самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена, соопшти премиерот Зоран Заев.

Благодарение на нивната цивилизациска мисија во чијшто темел е создавањето на првата азбука – глаголицата, подоцна нивните следбеници, а меѓу нив и Свети Климент Охридски, ќе ја создадат кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

За извонредното значење на мисијата на Светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – Единствени во различноста.

Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и со кое оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ и за сите словенски народи, нѐ поттикнува да размислуваме и да дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј, вели премиерот Зоран Заев.