Судот ќе одлучи дали поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков ќе излезе од притвор. Тој добил позитивно мислење од Обвинителството за гонење на Организиран криминал и корупција на барањето за излегување од притвор, бидејќи понудил гаранција од речиси 11 милиони евра, дознава „Фокус“.
-Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10,871,170 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Неофицијалните информации на „Фокус“ беа дека Мијалков понудил гаранција од 7,5 милиони евра, но од Обвинителството прецизираат дека гаранцијата изнесува близу 11 милиони евра.