Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека министерката за образование и наука продолжува со самоволието по протестот на родителите, наставниците и родителите.
„Арогантната и тврдоглава министерка за образование и наука, Мила Царовска продолжува со самоволието и по протестот на родители, наставници и ученици. Мила Царовска не гледа дека и се случува силен револт против реформите во образованието. Мила Царовска не сака да согледа дека јавноста е особено против укинувањето на печатените учебници и промовирање на елитистички приод со само дигиталните изданија на учебници и онлајн настава. Царовска е упорна во ширење полувистини дека учебници ќе има, но не кажува дека ако се донесе законот, тие ќе бидат само дигитални и недостапни за сите ученици“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, Царовска се уште ја крие вистинската причина за ваков чекор незабележан до сега во Европа.
„Царовска упорно тврди дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад протестите и не дозволува модерни реформи во образованието. ВМРО-ДПМНЕ упорно ѝ предочува дека не е против модернизација и дигитални учебници, но и предочуваме дека за учениците бараме и печатени учебници и настава со физичко присуство, затоа што нејзините лажни вести со успешноста на онлајн наставата станаа јасно видливи. Да, ги подржуваме барањата на родителите, наставниците и учениците и сме против избрзани, необмислени и натурени реформи“, велат од опозициската партија.
Потенцираат дека нема да дозволат експеримент над деца и нема да дозволат насилно наметнување на несоодветни промени за постоечката инфраструктура.
ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на експерименти над децата, нивна дискриминација и укинување на бесплатното образование, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.