Колумна на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, објавена во Слободен Печат:
Во тешка битка со најретроградните сили во македонското општество преземавме храбри чекори и успеавме да ја вратиме Татковината на стратешкиот колосек и да ги ревитализиравме односите со нашите стратешки меѓународни сојузници, САД и ЕУ. Носители сме на крупни внатрешни реформи од витално национално значење.
Денес одбележуваме голем партиски јубилеј. Изминаа 30 години од државотворниот пат на СДСМ. Исклучителна гордост е да бидеш дел од партија која во клучните историски моменти е секогаш на вистинската страна. Несомнено е дека секоја генерација во СДСМ има историска улога во времињата во кои делува. СДСМ, формирана на придобивките на АСНОМ и НОБ, го даде првиот Претседател, Киро Глигоров и ги постави темелите на независна, суверена и демократска држава. Под лидерското водство на СДСМ и претседателот Глигоров станавме членка на Обединетите Нации со што ја зацементиравме вековната определба за своја држава. Заедно го одевме најтешкиот пат по осамостојувањето и макотрпно ги градевме новото демократско општество и институции. СДСМ го трасираше евроатлантскиот пат и стратешкото сојузништво со САД. СДСМ го обезбеди кандидатскиот статус за ЕУ, а благодарение на мудрата надворешна политика во последните 4 години, ги исполнивме националните стремежи за полноправното членство во НАТО и ја донесовме Северна Македонија на прагот на официјалниот старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Секогаш бевме и сме подготвени за компромис и подадена рака кон сите останати општествено-политички чинители, и слободно можам да констатирам дека нашата партија целосно ги оправдува идеолошките тестаменти на Васил Главинов, Гоце Делчев, Никола Карев и другите македонски револуционери и левичари и нивните стремежи за самостојна и успешна држава.
Ја имам одговорноста да ја обавувам должноста генерален секретар на СДСМ во период на исклучителни предизвици. Светската пандемија со „Ковид-19“ сеуште коси и остава несогледливи последици за сите. Многумина ја изгубија битката со овој опасен и непредвидлив вирус. Меѓу нив и наши сопартијци. Ништо не може да ја надомести загубата, пред се’ на нивните најблиски. Искрено сочувствувам со нивната тага.
Не случајно повозрасните мудро заклучиле – „секоја планина своја тежина“. Судбината и на оваа партиска екипа е да решава прашања кои се напластуваат и туркаат под ќилим со децении. Во годините од независноста до денес, се покажа дека секој пат кога оваа држава има потреба од храбри политичари кои ќе ги реализираат стратешките цели и ќе го трасираат патот за сигурна иднина, на власт е СДСМ. Во тешка битка со најретроградните сили во македонското општество преземавме храбри чекори и успеавме да ја вратиме Татковината на стратешкиот колосек и да ги ревитализиравме односите со нашите стратешки меѓународни сојузници, САД и ЕУ. Носители сме на крупни внатрешни реформи од витално национално значење. Правиме системски промени во сите сфери на општественото живеење и создаваме општество со еднакви шанси за сите, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина. Промените во правосудството и борбата против високата корупција и организираниот криминал, почнуваат да ги даваат првите ефекти. Економските политики за подобар животен стандард за секој граѓанин не запираат ниту за време на кризата која ја предизвикува светската пандемија со „Ковид-19“. Сите овие стратешки определби на СДСМ кон начинот за водење на државата беа препознаени од граѓаните и за тоа јасна потврда ни се четирите последователни победи на изборите.
Сето ова не ќе беше можно доколку СДСМ не го следи чекорот на новото време. Но не само што го следиме новото време, туку го креираме новото време на политичката сцена во Северна Македонија. Во партијата ги отворивме широко вратите за сите кои веруваат во социјалдемократските вредности и принципи на делување. Станавме вистинска граѓанска партија и дадовме и даваме шанса на секој поединец кој што си ја сака државата да даде свој придонес во градењето на подобра иднина. Оваа нова генерација во СДСМ успеа да креира систем на функционирање на сите нивоа во партијата. Овој систем на функционирање, на кој сме горди, овозможи во СДСМ за прв пат да креираме вистинска вредност на еднаквост и солидарност, но исто така ни овозможи креирање на трајни вредности кои се темелат на систем на меритократија и постојана координација на сите нивоа во партијата.
Уникатниот концепт „Едно општество за сите“ го пресликуваме и во внатрешните партиски структури, што резултираше со првата предизборна коалиција со албанската партија БЕСА. Постојано комуницираме со граѓаните, имаме слух за проблемите на сите, теренските активности се заштитен знак на нашето дејствување. Се повеќе сме атрактивни за млади луѓе кои имаат желба да се вградат во системот на модерниот и европски СДСМ. Со процесот на дигитализација и професионализација на партиската администрација застануваме рамо до рамо со најпрогресивните европски социјалдемократски партии. Држиме лекција по демократија. На 21 март 2021 испишавме нова историја во македонскиот плурализам. Претседателот Зоран Заев го доби третиот последователен мандат да биде на чело на СДСМ преку првите внатрепартиски непосредни избори на кои гласаа сите партиски членови со што ја вративме вредноста на секој еден член во партијата. Со заокружување на внатрепартиските избори со Конгресот на СДСМ, кој ќе се одржи на 16 мај 2021 започнуваме со реализација на најголемата политичка иницијатива за промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи од СДСМ.
СДСМ е најголема партија во државава. Не сме и никогаш нема да бидеме како некои други. Во нашето семејство се размислува и различно, сите имаат право да учествуваат во внатрепартиските дебати, да искажат свое мислење и став. Прогресивните идеи кои не водат напред сите нас се добредојдени и широко прифатливи. Отсекогаш сум верувал дека припадноста кон СДСМ не се цени низ призмата на тоа дали и каква должност обавуваш во моментот. Во СДСМ се членува, но СДСМ и се сака. И кога ја носиш одговорноста во процесот на одлучување, но и тогаш кога друг ја добил довербата да одлучува. Тоа ја прави разликата по која се препознаваат искрените членови кои вистински ја носат партијата во срце!
Конечно, секој што работи знае и да погреши. Ние не живееме во илузија дека сме безгрешни. Луѓе сме, од крв и месо. Сепак, најважно од се’ е дека сме одговорни, нашата мотивација да се менуваме на подобро и да ги решаваме проблемите на граѓаните секојдневно расте и се зголемува. Продолжуваме заедно со граѓаните да одиме по патот кој обезбедува сигурна иднина.
Да ни е вечен СДСМ!
Да ни е вечна Република Северна Македонија!
(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)
Извор: Слободен Печат