25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата закажа седница – Се носи шестиот пакет за помош на граѓаните и продолжување на рестриктивните мерки за уште 7 дена

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе одржи редовна седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

Според неофицијални информации на Centar.mk на оваа седница треба да стане збор и за шестиот пакет на мерки за помош на економијата, но и за продолжување на рестриктивните мерки до 27 април 2021.

Според информацијата на Владата пак на 66-тата седница, со почеток во 12:00 часот, Владата според дневниот ред ќе ги разгледа Предлог-програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година, и Програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за оваа седница ја достави на разгледување и усвојување и Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година.

На предлог на Министерството за образование и наука ќе биде разгледан и Предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за склучување договор за заемно признавање на професионални квалификации на доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти во контекст на договорот за слободна трговија на Централна Европа.

Пред министрите, на редовната седница ќе се најде за разгледување и Предлог-програмата за одржлив локален развој и децентрализација во Република Северна Македонија за период 2021-2026 година, предложена од Министерството за локална самоуправа.

За донесените одлуки и заклучоци од 66-тата седница, која ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска, јавноста ќе биде известена веднаш штом ќе биде завршена.