25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левицата: Советниците на СДСМ и ДПМНЕ заеднички изгласаа мали хидроцентрали

Како и со сите други нерегуларности во Македонија, одговорноста, поради понатамошната дозвола и работење на штетните мини хидроцентрали, треба да се бараат во Владата и Собранието, соопшти „Левица“.

„Најнов пример за ова е црпењето на река Дошница, која опфаќа прекрасни и недопрени природни предели во општините Кавадарци и Демир Капија, каде што, не една, туку две хидроцентрали („Баров Дол“ и „Папрад“), ќе ги црпат водите на оваа река, која и без тоа има доста низок водостој. Кога станува збор за зголемувањето на богатствата на приватните газди, господата од власта и опозицијата прилично сложно ги изгласуваат сите за нив лукративни одлуки, а тоа може да се види во 26. и 27. предлог-заклучоци во записникот од одржаната 52. седница на Општина Кавадарци.

Во ова злодело против природата, но и така плитките џебови на обичните граѓани, секако не треба да го заборавиме и МЖСПП, кое претставува послушен помагател и извршител на нивните матни зделки. Да потсетиме, со градењето на мини хидроцентралите не се постигнува никаква финансиска (освен за сопствениците) или енергетска поволност, а сите ние неповратно губиме ендемски видови, работни места и природни ресурси, додека граѓаните плаќаат зголемени сметки за електрична енергија“, додаваат од партијата.

Оттаму велат дека во својата програма предвидуваат решение на овој проблем, кој, како што посочуваат, со години го наметнуваат властите:

1. Одземање и забрана за издавање концесии за приватни мали хидроелектрани;

2. Формирање јавно претпријатие за одржување на малите хидроцентрали, кои ќе станат државна сопственост по истекот на концесијата;

3. Изградба на хидроцентрали со акумулација како енергетско ефикасни и еколошки одржливи проекти, без можност за приватизација или јавно-приватно партнерство;

4. Национализирање на приватните мали хидроцентрали, кои се изградени и функционираат без почитување на законските регулативи (со оваа мерка ќе се укине повластената тарифа што ја плаќаат граѓаните кон приватните газди), предлагаат од Левицата.