17.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Деновиве ќе се финализираат деталите за законот за државјанство, има две одделни проблематики

Премиерот Зоран Заев, денеска, заедно со неколкумина министри, се сретна со координаторот на пратеничката група на Алијансата за Албанците и Алтернативата, Скендер Реџепи, во врска со законот за државјанство, кој беше причина за блокада на парламентот.

По средбата, Заев изјави дека верува оти ќе се изнајде решение за проблемот со немањето државјанства и дека на средбата биле изнесени низа ставови како од страна на владините претставници така и од пратениците на Алијансата за Албанците. Следната средба е најавена најдоцна за една недела.

„Имавме конструктивен работен состанок на кој претставниците од извршната власт можевме да ги слушнеме аргментациите по предлог-законот од Алијансата и Алтернативата, претставени од нивните пратеници. За дел од работите веднаш најдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите што беа понудени во наративот и образложението од страна на Алијансата и Алтернатива како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите што беа понудени од страна на соодветните министри“, рече Заев по средбата.

Како што посочи, договорено е најдоцна за една недела да се сретнат и врз основа на тие аргументации да се пронајде трајно решение.

„Се согласивме дека таа бројка, иако е евидентирана на 1.500 лица, во матичната евиденција е некаде 800 -850 луѓе и е различна. Притоа разграничивме граѓани што имаат извод од Матичната книга на евиденцијата, односно се родени тука, тоа е една проблематка, и граѓани што се стекнуваат со државјанство со природување, односно женење, мажење во државата, што е друга проблематика, и како да настапиме“, објасни премиерот.

Заев рече дека во следните неколку дена службите интензивно ќе работат за да ги разгледаат и да ги разберат сите предлози што ги дале двете опозициски партии.

„Така, на тој начин ќе потврдиме сите дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани што немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде во согласност со европските конвенции за државјанство, во согласност со меѓународната регулатива за државјанство и во согласност со сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство“, рече премиерот.

Во решавање на оваа проблематика, како што рече, ќе се искористи примерот од 2004 година кога се решени случаите со повеќе илјади граѓани.

На средбата присуствуваа и министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за правда, Бојан Маричиќ, и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, како и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.