27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пописот одложен за септември

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев се договорија пописот да се одложи, соопшти претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски по завршување на средбата со премиерот Зоран Заев.

Можен термин за одржување на пописот е септември. Тоа ќе биде доволно, според Мицкоски, да се имунизираат попишувачите. На средбата договорено е и локалните избори да се одржат во октомври.

„ Од страна на господинот Зоран Заев бев информиран дека во текот на април се очекува да пристигнат во Македонија околу 350.000 вакцини, а потоа сукцесивно во месец мај. Се согласивме дека откако процесот на имунизација на население, ќе се случи пописот. Затоа се договоривме да биде одложен и наместо сега во април, да се одложи за месец септември како можен период да биде од 5 до 30 септември, односно 25 дена. А локалните избори, наместо првата половина од октомври да се одложат во втората половина од октомври“, рече Мицкоски.

„Се согласивме и веќе утре во рамките на Парламентот ќе биде измената на изборниот законик која се однесува на терминалите за вчитување на отисок на прст. Очекуваме успешно да биде изгласана во Собранието. Се согласивме да ги охрабриме групите кои преговараат за Изборниот законик, а тоа се предлозите за измена во една изборна единица, отворени листи за советници на следните избори, избор на градоначалник во прв круг, последно се разбира тука се гласање на дијаспортата на следните парламентарни избори надвор од дипломатско-конзуларните претставништва, и последно, имплементација на препораките од ОБСЕ“, додаде Мицкоски.

Премиерот Заев по средбата со Мицкоски исто така потврди дека се договориле за одложување на пописот. Тој рече дека целта е попишувачите дотогаш да ги примат и двете дози вакцини. Дијаспората дотогаш ќе може да се самопопишува и Заев повика граѓаните да се попишат.

„Физичкото попишување е секако поризично од онлајн попишување“, рече Заев.

Она за што се дискутирало, како што рече Заев, е координирано со коалиционите партнери, но ќе биде слушнат и ставот на помалите партии. Заев ќе се сретне и со Алијансата на Албанците и Алтернатива за законот за државјанства.