Ревакцинацијата со вакцината за Ковид-19, АстраЗенека ќе се спроведува за три месеци, тоа е препораката од компанијата што ја произведува и другите земји, наведе денеска министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека веќе пристигнатите дози ќе се искористат веднаш.
За граѓаните што ја искористија можноста и се вакцинираа во Србија, Филипче рече дека побарал да му биде испратен електрнски список од истите, со цел ревакцинацијата да ја примат во нашата земја.
– Конкретно за вакцината АстраЗенека нашиот експертски тим ја презема препораката и од компанијата и од други земја, а тоа е дека ревакцинацијата треба да биде за три месеци, што значи дека сега сите овие вакцини ќе се искористат. Веќе имаме најава дека останатите количини би требало да стигнат во месец април. Тоа се до 100 000 кои би требало да стигнат до нашата земја. Јас утрово искомуницирав со српскиот колега Лончар, од кој што чекам да ми даде електронски податоци за наши граѓани кои што се вакцинирале, прво за да ги имаме во евиденција, а понатаму и за да ги испланираме за ревакцината да ја примат тука. Така да ставот за вакцината АстраЗенека е една доза, ревакцина после три месеци, за разлика од сите други, кај кои ревакцината е за три недели, образложи министерот за здравство.
На новинарското прашање, дали ќе имаме обезбедено доза за ревакцинација за три месеци, министерот одговори дека апсолутно ќе имаме, посочувајќи дека веќе овој месец треба да стигнат 76 000 дози од АстраЗенека исто така преку Ковакс механимот кои ќе бидат предвидени за ревакцинација.
Тој истакна дека ставот на стручниот тим е дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со вакцината на АстраЗенека.
Околу тоа дали министерот ќе се вакцинира со пристигнатите дози од АстраЗенека, тој одговори дека ќе се вакцинира кога ќе пристигне поголема доза.
– Лично сега нема да се вакцнирам, ќе почекам да стигне поголема количина на вакцини, да биде вакцинацијата лесно подостапна за сите граѓани, а тогаш кога ќе биде ќе се вакцинирам со АстраЗенека за да покажам дека овој сомнеж којшто засега го има само во таа вакцина, е апсолутно неоснован, истакна министерот.