Македонскиот актер и пејач Зафир Хаџиманов почина во Белград на 78 години по компликации од ковид-19.
Хаџиманов беше и композитор, писател, шоумен и голема ѕвезда на златното време на југословенските шансони.
Тој беше во брак со пејачкaта и актерка Сенка Велетанлиќ, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познатиот џез музичар.
Зафир Хаџиманов е роден во Кавадарци. Неговиот татко, Васил Хаџиманов, бил првиот во семејството кој започнал да се занимава со музика уште од неговите средношколски денови во Велес. Подоцна, тој се запишал на Фармацевтски факултет во Белград, но го напуштил и се запишал на Вишата педагошка школа во Скопје, отсек музика, по што својот животен век го посветил на фолклористиката. Зад себе, Васил Хаџиманов оставил над 5.000 записи од македонски изворни песни.
Зафир Хаџиманов дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград, во 1967 година.
Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Исто така, тој играл главни улоги во неколку филмови, како „Македонска крвава свадба“.
Хаџиманов е носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб, во 2003 година.
Негови најпознати песни се : „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“ итн. Во 2007 година, беше прогласен за почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.