Еуфоријата на сѐ уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за одложувањето на вонредниот конгрес покажува колку е тој очаен и колку го интересира само сопствената функција, велат од иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Мицкоски овие четири години станал синоним за пораз.
„Христијан Мицкоски успеа да ги загуби изборите во Ново Село и покрај тоа што градоначалникот познат како Боро Малборо беше фатен во шверц на цигари. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и локалните избори во Охрид, иако дури и Гордана Силјановска таму победи. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и претседателските и парламентарните избори во 2019 и 2020 година. Христијан Мицкоски избега од изборно соочување во Штип и избега од заземање став во однос на референдумот“, се наведува во соопштението.
Очекувано е, се додава во соопштението, човек што доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата.
„Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, а преостанатите членови се соочуваат со драконски казни. Нема член на СДСМ кој не смета дека ‘Мицкоски треба да си го пазат како очите во главата’ и дека тој е омилениот спаринг-партнер што си го нокаутираат по договор. Мицкоски им нанесува штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија. Мицкоски има неколкукратно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и ја влече партијата надолу, а меѓу два изборни циклуса успеа да загуби 150.000 гласа“, велат од иницијативниот одбор.
Од таму сметаат дека колку порано Мицкоски си замине од претседателската функција толку подобро и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасно е дека тој нема капацитет да ја води партијата. Отпорот против Мицкоски во партијата се зголемува и се ближи крајот на неговите партиски бизниси“, веат од иницијативниот одбор за организирање вонреден конгрес.