17.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

СДСМ: Речиси 69.000 членови в недела ќе избираат претседател на првите директни внатрепартиски избори

Речиси 69.000 членови, в недела, 21 март, ќе избираат претседател на СДСМ на првите директни внатрепартиски избори, соопштија од партијата.

Од СДСМ наведуваат дека се преземени сите неопходни мерки за уредување на гласачките места во согласност со препораките за здравствена заштита од Ковид-19 и дека целиот изборен процес на денот на гласањето ќе се одвива по строго утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.

Изборите ќе се спроведе во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 8 до 19 часот.

Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68.999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.

Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе може да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место.

Членовите што гласаат со себе задолжително треба да ја имаат електронската членска картичка на СДСМ, како и важечки личен документ за идентификација (лична карта или пасош).

Гласањето на болни и немоќни е овозможено еден ден порано, односно в сабота, 20.3.2021 година.

Информација за текот на гласањето и резултатот ќе бидат соопштени в недела по завршување на процесот на гласањето.

„Претстојните избори, претставуваат постулат на демократските вредности, каде што првпат во историјата на нашата држава самите членови на партијата ќе си го избираат својот претседател. Ова е нова додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивна и најмодерна партија – СДСМ“, велат од партијата.