Попишувачите кои ќе го спроведуваат пописот на населението ќе имаат можност да заработат и над 35 000 денари хонорар за ангажманот. Тие ќе бидат на терен од 1 до 21 април, период во кој е планирано да се спроведе целата операција со евидентирање на граѓаните кои живеат на територија на Северна Македонија, а една недела претходно ќе имаат тестирање и подготовки за непречно и професионално изведување на статистичката операција. Со еден збор, за една недела обука и за три недели теренски активности, попишувачите ќе имаат хонорар над 35 000 денари.
Според информации од терен, до сега има пријавено околу 4 500 попишувачи, кои од следниот понеделник ќе започнат со тестирањето и обуката, а повиците за пријавување на попишувачите се отворени до сабота, па се очекува овие три дена да се пријават кандидати кои ќе го дополнат бројот со неопходни попишувачи.
https://popis2021.stat.gov.mk/konkursi/DopolnitelenKonkursZaPopisuvaci_3_mk.pdf
Пописот, како што е најавено, ќе се спроведува според здравствените протоколи издадени од Комисијата за заразни болести, а кои предвидуваат целосна заштита и на граѓаните и на попишувачите. Заради дополнителна здравствена заштита секој жители ќе има право да се попише надвор, во двор ако живее во куќа, или пред зграда или на тераса доколку живее во стан. Ако граѓанинот се одлучи попишувачите да ги прими во домот тогаш е можно само еден од нив да влезе за да се избегне гужва. Протоколите за заштита предвидуваат носење заштитна опрема, држење растојание и забрануваат послужување храна и пијалок, во смисла кафе, чај или нешто друго од страна на домаќините.
Покрај целосната заштита од корона вирусот, пописот, за прв пат во историјата, ќе се спроведе според меѓународните стандарди кои пописот го прават чиста статистичка операција, а со оглед на фактот дека податоците за секој жител ќе се внесуваат електронски, не постои шанса за манипулации со бројките и податоците. Сето ова гарантира објективен попис за обезбедување релевантни податоци. А таквите податоци се основа за креирање државни политики во сите сектори, што пак овозможува проектирања за иднината на граѓаните и државата.
Пред стартот на пописот дома, продолжува попишувањето на македонските граѓани во дијаспората. Тие се попишуваат електронски и во изминатите денови бројката на заинтересирани постојано расте. Државниот завод за статистика во јавните настапи повторува дека институциите имаат кредибилитет и знаење да ја спроведат оваа статистичка операција и повикуваат на масовна поддршка и од населението, но и од политичките фактори, затоа што пописот ни е потребен на сите нам, преку него се градат политики неопходни за напредок на државата, а со тоа и на секој поединец.
Истекуваат последните денови за пријавување на попишувачите за да може од понеделник за започне нивното тестирање и подготовките. Техничката опрема е подготвена и доколку секој биде одговорен кон јавното здравје и кон важноста на операцијата, тогаш пописот е извесно дека ќе се спроведе професионално, без политички влијанија, особено врз податоците.