25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања за крипто-средствата

Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.

Денес, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите се достапни на следнава врска: http://nbrm.mk/prashanja-i-odgovori-za-kripto-sredstvata.nspx

Општо земено, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот.Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.

Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока). Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.

При вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.

Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.

Вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства.Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.