22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска: Ние им веруваме на институциите дека ќе го спроведат пописот според законот, 26.01.2021

Ние сме немале попис две децении. Ние не правиме политичка операција, туку исклучиво статистичка. Ќе собереме податоци од граѓаните за планирање на социо- економскиот развој на државата и сметам дека не треба во секој процес да внесуваме политика, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петрова, во дебатната емисија Објектив на МТВ1.

Таа нагласи дека собирањето потписи од граѓаните против Законот за попис не се дел од политичкото милје, туку е исклучиво партиска агенда.

Чесно е ВМРО ДПМНЕ да им признае на граѓаните дека со потписи нема да се поништи Законот за попис, потписите не го ставаат надвор од сила Законот, туку треба нов закон, а тоа можат да го направат и како пратеничка група, да поднесат предлог закон, рече Петровска.

Таа оцени дека ВМРО-ДПМНЕ со повикот за собирање потписи потенцијално го загрозува здравјето на граѓаните, повикува 2 милиони граѓани да одат во канцелариите и да се потпишат, а од друга страна изразува резерви за безбедноста на здравствениот аспект на пописот.

Ако споредуваме со пописот во 2011 година, тогаш политизацијата беше видлива со пописната политичка комисија, сега, според законот за попис, оваа статистичка операција ќе ја извршат институции во државата, пред се Државниот завод за статистика, рече Петровска.

Методологијата се ќе прецизира и ќе биде појасен целиот процес. Ние им веруваме на институциите каде работат професионалци и оставаме се да се спроведе според законот, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петрова, во дебатната емисија Објектив на МТВ1.