Синоќа во САД почина славната југословенска актерка Мира Фурлан на 65 годишна возраст. Фурлан е родена во Загреб на 7 септември 1955 година.
Отпрвин, таа беше истакната актерка во Хрватскиот народен театар во Загреб, но во 80-тите години стана една од најпрепознатливите и најавтентични југословенски филмски актерки. Во тој период од нејзината работа, таа постигна исклучително успешни филмски улоги како оние во филмовите „Киклоп“ (1982) на Антун Врдоjак, „За среќа се потребни тројца“ (1986) на Рајко Грлиќ, филмот „Убавината на порокот“ (1986) на Живко Николиќ и други.
На почетокот на распадот на Југославија, Фурлан замина во Америка, каде што исто така продолжи да игра значајни улоги. Најзначајните и секако најпопуларните достигнувања во кои таа играше улоги се планетарно популарните телевизиски серии „Babylon 5“ и „Изгубени“.
Фурлан беше интелектуалец кој го искажа својот критички став кон лудилото што се случи на нашите простори во 90-тите години на минатиот век, укажа на опасностите на национализмот и омразата што произлегува од него, но исто така прецизно ги демаскираше сите ужаси што се случуваат во светот околу нас.
„Ова е ноќ на голема тага, бидејќи нашата пријателка тргна по патот каде не можеме да ја достигнеме. Но, како и за сите работи, ние ќе го стигнеме тоа со текот на времето и верувам дека ќе има многу приказни и многу нови улоги што треба да ги споделиме со универзумот “, рече Мајкл Страчински, автор на научно-фантастичната серија Babylon 5.