Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 38-ма седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На оваа седница на разгледување и усвојување ќе биде ставена Предлог-програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2021 година.
На предлог на Министерството за здравство Владата денеска ќе ја разгледа Предлог – Националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2021 година.
Министерство за труд и социјална политика за дневниот ред на оваа седница ги предложи Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година, како и Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2021 година.
На денешната седница на Владата е и точката Предлог-годишна програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2021 година, како и Бизнис планот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје за 2021 година со Инвестициона програма.
Владата денеска ќе расправа и по Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2021 година и за Програмата за работа на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2021 година со финансиски план.
Редовната 38-ма седница на Владата е предвидено да започне во 12:00 часот и ќе се одржи преку видео-конференциска врска. За заклучоците од седницата ќе информираме со соопштение веднаш штом ќе биде завршена.