Веб страницата Инфомакс продолжува со секојдневните медиумски манипулации и дезинформации. Овојпат, тема е наводното „обединување“ на Македонците и Албанците на радикалниот протест и упадот во американскиот Конгрес, кој однесе 5 човечки животи.
Во текстот објавен денес со наслов „Maкeдонците и Aлбaнцитe oбeдинeти пpeку окeaнот: Maкедoнско и албaнcкo знaмe eдно до дpyго се вeeja пpeд амepикaнcкиот Koнгpec“, објавен е твит со две фотографии од протестот што заврши со упад во највисокиот законодавен дом во САД, на кои одделно се гледаат двајца учесници, едниот наметнат со знаме со сонцето од Кутлеш, а на другата фотографија учесник кој вее албанско и американско знаме.
Дајца радикали со знамиња, на одделни фотографии а не на иста, било сосем доволно за Инфомакс да заклучи дека Македонците и Албанците се обединиле преку океанот, и тоа на протестот на кој повика претседателот во заминување Трамп.
„Како што се гледа на сликата Македонците и Албанците се обединети преку океанот во поддршката за американскиот претседател, а македонско и албанско знаме зедно се вееја пред американскиот Конгрес.“, констатира Инфомакс.
Но сликата не го покажува тоа. Ако добро ги погледнете фотографиите, ќе видите дека тие ниту претставуваат доказ дека двајцата учесници излегле заедно на протест, ниту има заедничко веење на двете знамиња на крвавиот упад, ниту докази за учество на повеќе Македонци и Албанци, ниту пак дека два цели народи се „обединиле во поддршката за американскиот претседател“.
Напротив, двајца учесници на ваков крвав и злосторнички потфат, ниту може да бидат ниту се претставници на Македонците и Албанците. Дотолку повеќе што поголем дел и од граѓаните, јавноста а и политичарите кај двата народи го осудија насилството во САД, во голем дел поттикнато од долгогодишната радикална десничарска супрематистичка пропаганда.
Инфомакс е типичен пример на таква пропаганда во нашето опкружување, на наши теми. Резултатот на таа пропаганда во САД го видовме пред некој ден. Кај нас пред повеќе од 3 години, на 27 април.
Наспроти овие сили кои насекаде низ светот шират омраза, насилство, лаги, зло, далеку е поголем број на Македонци, Албанци и Американци што се обединети во една желба: Вакви злосторства над демократијата да не се повторат никогаш повеќе, ни кај нив, ни кај нас!
извор Фронтлине