25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пустош и пепел – Објавени детали и фотографии од ужасниот пожар во ТЦ Глобал синоќа

Синоќа, (сабота) 02.01.2021 година во 23.12 часот избувна голем пожар во ГТЦ Глобал. ТППЕ Струмица веднаш по првата дојава излезе на лице место. Согледувајки ја сериозноста и големината на пожарот веднаш е извршена мобилизација на целиот состав на единицата и тоа 38 пожарникари спасители и 6 ПП возила, информираат од Противпожарната служба во Струмица.

– Побарана е помош од ТППЕ Радовиш со 3 ПП возила и 6 пожарникари спасители, ТППЕ Кавадарци со 3 ПП возила и 8 пожарникари спасители, ТППЕ Валандово со 3 ПП возила и 4 пожарникари спасители, ТППЕ Штип со 1 ПП возило и 5 пожарникари спасители и ЈПКД Комуналец со 2 возила цистерни за дотур на вода. Извршено е гаснење на пожарот од три влеза и тоа од ул.Ленинова, ул.4 Јули и ул.Васил Сурчев. Пожарот е ликвидиран во 03.50 минути.

Оставена е дежурна екипа заради догасување на одредени жаришта во приземниот дел. Причинета е огромна материјална штета, велат од Пожарна-Струмица.

Пожарот кој ноќва го зафати трговскиот центар Глобал во Струмица е изгаснат рано утринава, но изгореа над десет продавници и голем дел од пазарот, кој се наоѓа во средишниот дел.

„Тажна е сликата денеска, по пожарот кој ноќеска пред полноќ, избувна во трговскиот центар „Глобал“. Изгорени се повеќе трговски објекти и внатрешниот дел во којшто се наоѓаат продавници и тезги. Пожарот е изгаснат, но сеуште под контрола на пожарникарите за да не се појават нови жаришта. За среќа жртви и повредени нема, но причинета е голема материјална штета“, објави денес градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Тој испрати голема благодарност до пожарникарите од Струмица и нивните колеги од Кавадарци, Радовиш, Штип и Валандово, како и за вработените во ЈПКД „Комуналец“, за несебичната пожртвуваност и надчовечките напори коишто ги покажаа во гаснењето на пожарот.

„Сочувствувам со сопствениците на опожарените објекти за големата претрпена материјална штета. Општина Струмица во рамките на своите можности ќе направи се да им помогне во санирањето на штетите“, дополни градоначалникот.
Причините за пожарот се уште не се знаат.