25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

„Алкалоид“ исплати новогодишен надомест од 25.000 денари за своите вработени и донираше 1,2 милиони евра за заедницата во 2020 година

Производите на „Алкалоид“ се дел од секојдневието на милиони луѓе во земјите каде што компанијата има воспоставено свои деловни операции. Секој производ што го носи логото на „Алкалоид“ е синоним за квалитет, традиција и за вложен труд на илјадници вработени и генерации на „алкалоидовци“, кои ги граделе компаниските вредности. Позитивниот имиџ на компанијата во голема мера е рефлексија на организациската култура, во која грижата за вработените е на врвот на листата на приоритети.

Во контекст на отежнатите услови за работа предизвикани од светската здравствена криза, а по повод новогодишните и божиќни празници, „Алкалоид“ одлучи да исплати еднократен линеарен паричен надомест за вработените во нето-износ од 25.000 денари. Политиката за надоместоци на компанијата, во согласност со Статутот на друштвото и со колективниот договор на „Алкалоид“ АД, се базира на конкурентност, мотивација, навременост и на транспарентност. Компанијата, и покрај неизвесноста која владееше во првиот квартал од 2020 г., во март на своите вработени веќе им исплати регрес за годишен одмор во нето-износ од 26.718 денари.

Во декември годинава во „Алкалоид“ АД имало 2.371 вработен, од кои 1.832 во Северна Македонија и 539 во подружниците во странство. Во текот на 2020 година во компанијата се реализираа 209 нови вработувања.

Во услови кога светските економии се борат за ублажување на ефектите од претрпените загуби, а прогнозите за 2021 г. се ставени во сенка на имунитетот на вирусот и на очекуваните ефекти од вакцините, ретки се компаниите што можат да им помогнат на своите системи во вакви тешки времиња. Но помошта во кризни услови е од суштинско значење, особено ако кризата го носи предзнакот здравствена. Поради тоа, во тековнава година нашите активности за општествена одговорност имаа засилен интензитет. На разни основи, „Алкалоид“ АД Скопје во текот на 2020 година, преку базата во Скопје, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, и преку дел од своите ентитети во земјата и надвор од неа, има донирано износ од приближно 1,2 милиони евра. Од нив, 1.075.000 евра се донирани во Северна Македонија, а околу 125.000 евра надвор од земјата. Во согласност со намената, 352.000 евра се донирани во лекови, медицински средства, опрема и во опремување; над 210.000 евра се донации во средства за хигиена и за дезинфекција, а над 638.000 евра се финансиски средства на разни основи, од кои 141.236 евра се реализирани преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“. На листата на приматели на донации се заведени здравствени установи, институции, здруженија и голем број поединци.
Грижата за вработените, заедницата, за потрошувачите, акционерите и за сите иматели на удели во компанијата се цврсто втемелени во корпоративната политика на „Алкалоид“ АД Скопје, а таквите заложби ќе продолжат и во иднина. Годината која следува е исполнета со голем број неизвесности, но ние ќе останеме посветени на исполнување на очекувањата на пазарот и на испорачување врвен квалитет на нашите производи и услуги. Посакуваме во годината на 85. јубилеј на „Алкалоид“ АД да се радуваме заеднички на нови успеси, повисоки достигнувања и на ЗДРАВЈЕ пред сѐ!