Министерството за внатрешни работи набави пет пловни објекти за езерската полиција, со што значително ги зајакнуваме капацитетите за заштита на границите, особено овде на Охридското езеро, рече министерот Оливер Спасовски.
„Ова е набавка што се прави за прв пат по повеќе од 20 години, а е уште еден пример за нашата посветеност комплетно да ја опремиме македонската полиција и да обезбедиме максимални услови за работа на полициските службеници, што пак носи подобри резултати односно ја зголемува безбедноста на граѓаните. Во оваа прилика сакам да упатам огромна благодарност до Владата на Република Чешка и амбасадата на оваа пријателска земја, кои во изминативе години постојано ни помагаат во оваа цел“, рече министерот Спасовски.
Два пловни објекта со цврсто корито се набавени од сопствени средства од буџетот на МВР со вредност од 8.055.511 денари, а согласно склучениот Договор за донација помеѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и Чешка набавени се два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец со вредност од 8.144.074 денари.
„Ова ќе овозможи висока ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во Охридското и Преспанското езеро, така и во услови кога е потребно да се пружи помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини“, рече Спасовски.