Во 19 часот се затвораат гласачките места во Штип на кои денеска се спроведуваат локални избори за градоначалник на општината. Ако се следат бројките до 16 часот, тогаш во последните три часа се потребни да излезат помалку од 10 отсто од гласачите. Законскиот цензус за легитимни избори е на изборите да излезат една третина од гласачите, или 33,3 отсто од запишаните избирачи. До 16 часот процентот на излезени надмина 25 отсто, што значи дека уште малку останува за цензусот да биде исполнет, а Штип вечерва да добие легитимен градоначалник.
Остануваат уште два часа до крајот на гласањето, доволно време за сите оние кои и мислат добро на општината, а пред се на самите себе и на своите семејства, да го искористат граѓанското право и да гласаат. Овој градоначалник ќе има мандат од нецела година, но тоа не значи дека мотивот за гласање треба да биде намален, напротив, во услови на здравствена и на економска криза, првиот човек на општината е неопходен, пред се во реализација на големите проекти кои се започнати или се планираат да започнат на пролет, а се помогнати и од централната власт.
Затоа овие локални избори за градоначалник се прилика за штипјани да си овозможат подобар живот и пофункционална и поисполнителна општина. Имено, градоначалникот е носител на многу работи за непречено функционирање на општината и затоа одговорните граѓани не смее да дозволат никој да не ја води општината до следната есен кога ќе се одржат редовните локални избори.
Ако цензусот не биде исполнет, тоа нема да биде толкав пораз на кандидатите или партиите кои настапуваат на изборите, туку ќе биде пораз пред се за граѓаните, што може негативно да се одрази врз нивното секојдневие во следната година. Сепак одлуката е на гласачите, а според континуираниот раст на излезноста во текот на целиот ден, очекувано е до 19 часот цензусот да биде исполнет.