24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев за Блаже Конески: Великаните не заминуваат никогаш

И денеска, на денот кога во 1993 година со неговата смрт се заокружи едно големо, разновидно, доблесно и придвижувачко творештво, нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески, напиша премиерот Зоран Заев во пост на фејсбук, кој го пренесуваме интегрално:

Големината и значењето на животот и делото на Конески за македонскиот идентитет, за македонската национална култура, за македонскиот јазик го прават не само втемелен факт во историјата, туку и жив двигател на нашата сегашност во разни области – во науката за јазикот, во уметноста и силата на зборот, во моќта да го закрепнува нашето духовно самочувство кога ни остави завет да го чуваме јазикот, зашто јазикот е нашата татковина.

Денес, македонскиот јазик е дел од светската енциклопедија јазици и никој не може да ја негира неговата автентичност. Жив јазик на македонскиот народ со свој изворен правопис, граматика, речник, и своја континуирана и развојна историја.

Правописот на македонскиот јазик, чие прво издание беше објавено и потпишано од Блаже Конески и Крум Тошев, уште во мугрите на раѓањето на современата македонска држава во 1945 година, денеска, како најново и дополнето издание од плејада македонисти и ученици на Конески, е слободно достапен на сите граѓани како инструмент за унапредување на македонскиот јазик (www.pravopis.mk).

Во монументалното дело на Конески се вградени и длабоки хуманистички идеали и научни достигнувања кои беа препознаени и од светската академска јавност, а светот им оддава признание и денес со впишувањето на 100 годишнината од неговото раѓање како настан за одбележување запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година.
Тоа е уште една глобална афирмација на македонските јазик, наука и култура со програма со која во национални и во меѓународни рамки ќе се одбележи оваа значајна годишнина.

Великаните не заминуваат никогаш. Таков е и Блаже Конески. Тој со своето сеприсуство и денес ги побива и се надвишува над сите злонамерници што го напаѓаа и го нарекуваа „џуџето од Небрегово“, а денеска му ги читаат песните. Ништожни се таквите чинови на порекнување на големите македонски дела и големите македонски дејци, ништожни се во споредба со громогласниот џин заштитник на македонската реч.