24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демократскиот сојуз: Да не се газат темелните вредност на АСНОМ и антифашизмот

Демократскиот сојуз ги повикува највисоките државни функционери, кои преговараат со Република Бугарија за да изнајдат решение за симнување на блокадата на почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, да ги почитуваат достоинството на македонскиот народ, македонскиот идентитет и јазик, вековната борба за национална слобода и да не прифаќаат решенија што претставуваат ревизија на историските настани.

„Премиерот, како и сите македонски граѓани, има право на личен став за односите со Република Бугарија и за начините на решение на спорот, но тој ја има и одговорноста тоа што го говори да не ги повредува чувствата на Македонците и да изнаоѓа решенија што ќе ги заштитат државните и националните интереси.

Демократскиот сојуз потсетува дека антифашистичката борба и АСНОМ е во темелите на македонската држава и не смее да се дозволи релативизација на улогата на тогашниот фашистички режим на нашиот источен сосед Бугарија и бугарскиот народ се наши соседи и пријатели и со нив треба да градиме заедничка иднина во Европската Унија. Тие немаат ништо заедничко со фашистичкиот режим на цар Борис и окупацијата на Македонија во текот на Втората светска војна со обидите за денационализација и страдањето на македонскиот народ, со илјадниците жртви што паднаа во борбата за национална слобода, со депортацијата на Евреите во логорите на смртта. Но, таа историска вистина не може да се фалсификува и да се избрише.

Со Република Бугарија имаме потпишано договор за добрососедство и пријателство, акт што има законска сила и неговото почитување е предуслов за добрососедските односи, мирот и соработката меѓу двата народа и двете држави. Демократскиот сојуз нема да поддржи менување и ревизија на овој меѓудржавен договор на штета на македонските национални интереси. Во текот на повеќевековната историја на македонскиот народ има настани и личности што не поврзуваат со Бугарија и со бугарскиот народ и тоа треба да биде основа за идното заедништво и надминување на недоразбирањата. Демократскиот сојуз смета дека членството во Европската Унија е од највисок приоритет за РС Македонија, но услов за тоа не смее да биде грубото газење врз европските принципи и вредности, меѓу кои клучна е антифашистичката борба на европските народи, во која македонскиот народ имаше своја славна улога“, наведе Демократскиот сојуз.