23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Со извинувањето кон Села, Мицкоски потврдил дека зад 27-ми април стои ВМРО ДПМНЕ!?

Арбен Таравари од Алијансата на Албанците, партијата на Зијадин Села во телевизиски настап откри дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно им се извинил за насилството со упадот во Собранието на 27 април, 2017 година, кога парламентарното мнозинство се обидуваше да го изгласа Талат Џафери од ДУИ за претседател, а агресивната толпа со предизвикување немири се обиде тоа да го спречи, но и да искористи прилика да се пресмета со пратениците кои не се од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако е точна оваа изјава на Таравари тогаш отвора најмалку две недоследности или дилеми. Прво, ако Мицкоски се извинил за насилството од 27 април, кога покрај претепувањето на Села, со крвави глави завршија и Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и други пратеници, тоа значи дека Мицкоски прифатил дека зад нападот врз пратениците и за насилниот упад во парлементот стои неговата партија, она кое што Мицкоски никогаш не го призна во јавноста.

Ако некому Мицкоски должи извинување тоа е целиот народ, а поединчено и многу други политичари покрај Села. Ако Мицкоски се извинил за нападот, а најверојатно се извинил бидејќи немаше демант од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Таравари, тогаш му се олеснува и на судот во процесот против поранешни челници на партијата на кои им се суди за организирање и спроведување на нападот врз пратениците.

Ако Мицкоски му се извинил на Села, тогаш зошто истото не го направи и со другите политичари кои дента на 27 април за малку ќе беа ликвидирани, истата опасност која го демнеше Села додека бесната толпата го влечеше низ собраниските ходници? Дали ова значи дека Мицкоски има план да им се извинува на сите еден по еден, согласно тоа ако му се укаже прилика од која лично би профитирал, или пак ќе им се извини само на оние кои му требаат за коалицирање, односно на оние од кои ќе има политички ќар?

Второ, за какво јавно извинување зборува Таравари и за каква порака дека испратил Мицкоски со тоа што се извинил? Ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му се извинил на Села и на Алијансата тогаш тоа воопшто не е јавно извинување. Ако тоа го соопшти оној кому му се извиниле во телевизиско интервју, исто така не е јавно извинување. Тоа може да биде само лично извинување од Мицкоски кон Села и ништо повеќе. Јавно извинување би било кога Мицкоски или ВМРО-ДПМНЕ ќе објават официјално соопштение или ќе свикаат прес-конференција и тоа ќе и го соопштат на македонската јавност, без разлика дали извинувањето ќе биде само кон Села или кон сите нападнати пратеници, вклучително и целиот народ. Само така има смисла јавното извинување, да го искаже тој што се извинува преку официјален партиски канал за да го слушнат сите граѓани. Но, ова секако Мицкоски никогаш не би го сторил јавно, па оттаму ниту извинувањето кон Села му е јавно.

Дополнително, покрај за настаните од 27 април, Таравари во интервјуто зборуваше и за тоа дека Мицкоски изразил подготвеност во Законот за јазиците да го отстрани делот во која албанската заедница е напишана како етничка заедница со 20 отсто од населението. Со оваа изјава Таравари, случајно или намерно, го откри вистинското лице на Мицкоски, оној кој гласно протестираше против законот и кој го обвинуваше Заев дека им угодува на Албанците со тоа што ги понижува Македонците и ги загрозува македонските национални интереси. Но кога треба да формира коалиција за потоа да се бори да дојде на власт, Мицкоски е подготвен да оди и подалеку од Заев, ама тоа немало да биде на штета на Македонците, туку Мицкоски пред граѓаните ќе го продава како државен интерес. Така се случува кога работите се гледаат единствено преку личната диоптрија.

Извор Локално.мк