25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Moра да имаме добри закони за легализација на марихуаната за да не настане хаос

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, говорејќи на Mеѓународната конференција за модели на регулација на дроги, во организација на Коалицијата „Маргини“ и ХОПС, рече дека е добро што во земјата се отвори широка општествена дебата за декриминализацијата на марихуаната.

Според Маричиќ, квалитетното регулирање на ова прашање може да донесе повеќе поволности за државата, и тоа во однос на регулирање на трговијата со марихуана, намалување на криминалитетот и економски придобивки, пред сè, во туризмот и угостителството.

„Свесен сум дека ова е комплексно прашање и токму затоа овој процес во суштина мора да биде инклузивен, односно во креирањето на модалитетот како ќе се спроведе декриминализацијата треба, покрај стручната јавност и експертите, да бидат вклучени и невладините, односно граѓанските здруженија, кои може и тоа како да придонесат за квалитетот на решението. Дебатата сега е отворена и трае“, истакна Маричиќ.

Министерот посочи дека ќе се инсистира еднаш донесените закони со кои ќе се регулира ова прашање, доследно и без исклучок да се спроведуваат во пракса, бидејќи во спротивно, како што рече, ќе се доведеме во опасност секој на свој начин да ја толкува декриминализацијата, а со тоа, место ред, би настанал хаос во овaа сфера.