Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се примени 38 пациенти со симтоми на Ковид-19, информираат од Министерството за здравство.
На интерните клиники имало 12 приеми, и тоа четири во ковид-центарот на Клиниката за дерматологија, пет приеми во центарот на Клиниката за неврологија и тројца пациенти се хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ.
На Клиниката за инфективни болести во изминатото деноќие имало 18 приеми, а во ковид-центарот во болницата „8 Септември“ се примени 9 нови пациенти.
До утрово во 8 часот вкупно 382 пациенти се хоспитализирани во ковид-центрите во Скопје, информираат здравствените власти.
Од таму додаваат дека капацитетите се генерално исполнети, но слободни места има.
Во моментот на Клиниката за дерматологија во ковид-центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија – 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти со симтоми на коронавирусот. Во „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 158 пациенти, а на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 42 пациенти, 14 деца и 28 возрасни.
Слободни места во моментот има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во болницата „8 Септември“.
На Интерните клиники во ковид-центрите на Клиниката за неврологија и на Клиниката за дерматовенерологија, покрај постојните 64 кревети, ќе се стават во функција и дополнителни легла, а од сабота пациенти ќе се примаат и во новите ковид-центри на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија.
Овие клиники располагаат со кислородни места за третман на пациентите што имаат потреба од кислородна поддршка. На Институтот за белодробни заболувања и на ТБЦ капацитетите се генералнпо полни, но во тек на денот се прават исписи на оздравени пациенти и постепено се ослободуваат дополнителни места. Оваа клиника располага со 56 места за лекување ковид-пациенти.
Сите нови оддели на Интерните клиники располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Во тек е доопремување со преостанатата медицинска опрема што им е потребна на лекарите, а од денес, покрај пулмолог и анестезиозолог, достапен за консултации на Интерните клиники ќе биде и лекар анестезиолог од КАРИЛ.