Цели три години Заев, Шекеринска, Димитров и Пендаровски нè убедуваа дека сите надворешни прашања се затворени. Овие денови нивната политика доживува фијаско на надворешен план. Што би рекле народски, поради шарлатанството на СДСМ, граѓаните фигуративно останаа со куси ракави, односно ништо од ветувањата на Заев и Шекеринска дека ќе нè внесат во ЕУ, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Жалосно е што трпат целата држава и целиот народ поради егзибициите на три-четворица залутани политичари во Владата, кои немаат ниту грам одговорност и срам. Да се потсетиме преку едно видео што говореше Шекеринска во септември 2017 година.
Шекеринска тогаш ветуваше дека договорот за добрососедство ќе ја движи напред земјата, дека поддршката од нашиот сосед на патот кон ЕУ е огромна и слично, а денес гледаме блокада. Очигледно ветувањата што ги давале Шекеринска, Заев и другите биле преголеми за да може тоа да го поднесе бугарската страна бидејќи биле изневерени.
Затоа, уште еднаш сакаме да прашаме. Што договориле во Берлин, односно што прифатиле Заев, Димитров, Пендаровски и Шекеринска? Која е цената што треба да ја платат македонскиот народ и Република Македонија заснована на ветувањата и распродавањата од страна на Заев и другите политичари на македонските национални интереси и интересите на граѓаните?
Што прифатил СДСМ во однос на историјата и историските личности? Дали можеби се откажал од сè што е македонско и се поврзува со националниот идентитет врз кои почива, а тоа се историските личности и случувања?
Впрочем, ако се изразиме со неартикулираниот крик на Димитров, „Срамота е луѓе“ што криете од сопствениот народ што сте се договориле и што сте ветиле. Оваа блокада е единствено вина на неспособната, пазарџиска и шарлатанска политика на меѓународен план на СДСМ и Заев. Затоа е потребна влада на национален спас, и тоа веднаш, за да нè испере од овој срам што ни го нанесе СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ во овие моменти очекува СДСМ и Владата и сите овие што ги набројував на оваа прес-конфренција да кажат што догвориле и што прифатиле во Берлин, односно што разговараат во моментот и што прифаќаат по секоја цена, по принципот на распродавање. Сигналите се јасни, а тоа е дека Зоран Заев ветувал, се заборавил од ветување и сега фактурата го стигнува“, порача Арсовски.