23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Западен Балкан ќе го трансформираме во единствен пазар, според стандардите на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во просториите на Министерството одржа работен појадок со амбасадорите од земјите на Западен Балкан.

На појадокот присуствуваа и амбасадорот на Бугарија, Aнгел Ангелов, и амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, кои имаа свои воведни обраќања.

Како што објаснуваат од Министерството, оваа иницијатива на Османи е дел од дипломатските активности на министерот за редовна координација на земјите од Западен Балкан во пресрет на годинешниот софиски самит, во рамките на Берлинскиот процес, да се направи пресек на досегашните постигнувања, но и осврт за очекувањата од самиот процес.

„Би сакал да објавам дека минатата недела ние земјите од Западен Балкан, секако помогнати и од нашите колеги од Советот за регионална соработка (RCC), успеавме да финализираме многу важен документ официјално со наслов ‘Повеќегодишен акциски план за заеднички регионален пазар’. Тоа претставува важна пресвртница за Западен Балкан со визија за трансформирање на регионот во практично еден пазар заснован на правилата и стандардите на ЕУ. Одиме кон зголемување на неговата привлечност и конкурентност во исто време, но намалувајќи го растојанието до пазарите на ЕУ – што е секако наша крајна цел“, истакна Османи.

На средбата се разговараше и за другите иницијативи и очекувања од заедничкото копретседавање меѓу Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.

„Напорно работиме, заедно со нашите колеги од Бугарија, за да имаме навистина квалитетна финализација на нашето копретседателство преку успешен дводневен самит во Софија. Регионалната соработка, покрај големото значење за европските перспективи, значи и зголемена економска, културна и општествена размена, што само по себе претставува важна придобивка за граѓаните на нашите земји“, рече Османи.

Тој додаде дека од заеднички интерес е целокупниот успех на овој процес, кој претставува значајна иницијатива за регионално инфраструктурно и економско поврзување на земјите од Западен Балкан како важни одредници за европските перспективи на земјите.