17.8 C
Скопје
22. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Mедиумската писменост треба да стане дел од формалното образование

Неопходно е учениците од најмала возраст да се едуцираат за медиумите за да стекнат вештини и да умеат да пристапат до медиумите, да ги развијат способностите за нивно користење и да имаат критички пристап во читањето за да ги разберат информациите. Затоа, имаме реална потреба медиумската писменост да стане дел од формалното образование, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, која денеска учествуваше на онлајн-дебатата „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во Северна Македонија“.

„Остануваме и понатаму на владините политики за поддршка на сите иницијативи граѓаните да стекнат добро разбирање за медиумите, добро да ги читаат и препознаваат скриените агенди и да стекнат вештини за селекција на информациите. Сето ова овозможува граѓаните активно да учествуваат во јавните дебати и да влијаат врз промените, а тоа треба да се научи преку процесот на образованието“, рече Царовска.

Министерката истакна дека МОН и Владата во соработка со Бирото за развој на образованието продолжуваат активно да работат на вклучување на медиумската писменост во некои предмети во основното и средното образование и целиот овој процес се прави со повеќе институции и граѓански организации.

На дебатата, која е организирана од Македонскиот институт за медиуми и Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиусмки услуги, учествуваа и директорката на МИМ, Билјана Петковска, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, и националниот консултатнт при Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа, Борислав Вукоевиќ.
Настанот е дел од второто издание на Деновите на медиумска писменост, што годинава се одржува од 26 октомври до 2 ноември.